Според него, дневната заштеда на македонските граѓани, по основ на дизел, е повеќе од 250 000 евра
Во моментот, според премиерот, имаме најниска цена на дизел-горивото и на безоловниот 95 и 98-октански бензин
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека доколку не биле донесени одлуките за намалување на акцизата и таа за намалување на ДДВ, цената на дизел-горивото ќе била поскапа за околу 11 или 11,5 денари по литар во однос на сегашната цена.

Посочи дека е зголемена продажбата на нафтените деривати на бензиските станици, особено на оние што гравитираат кон северниот, западниот и јужниот сосед поради притисокот на граѓаните што доаѓаат од Грција, Албанија и Србија.
„Стигнавме до повеќе од два милиони литри гориво што се точи на македонските бензиски станици. Имајќи предвид дека отприлика 70 отсто е дизел-гориво, тогаш доаѓаме до некаде околу 1 400 000–1500 000 литри. Тоа значи дека само по основ на дизелот, дневната заштеда на македонските граѓани е повеќе од 250 000 евра. Или ако се земе предвид две недели и доколку се земе предвид веќе намалената царина, односно акцизата за безоловниот 95 и 98-октански, тогаш доаѓаме до бројка помеѓу 4,2 и 4,5 милиони евра, што е директна заштита што ја имаат македонскиte граѓани. Индиректната заштита се проектира во ниската стапка на инфлација“,
кажа тој.
Според него, во пикот на најголемата светска енергетска криза што ја помни човештвото, ние веќе два месеци, односно јули и август имаме една од најниските стапки на инфлација, многу подолу од Европската Унија.
„Во регионот сме меѓу најниските. Само нашиот северен сосед Србија има за некоја 0,3-0,2 пониска стапка на инфлација“,
додаде премиерот.
Во моментот, како што нагласи, имаме најниска цена на дизел-горивото и на безоловниот 95 и 98-октански бензин.
„Ако се спореди со цената што ја имаат нашите соседи, па и во Европа, тогаш разликата е 20 и 50 отсто. Тоа значи дека Владата води сметка во рамки на своите можности, но и повеќе од тоа за да го заштити стандардот на граѓаните“,
рече Мицкоски.
Владата на вчерашната седница донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за дизел-горивото од 18 на 10 отсто.
Ова, како што соопштија од владината прес-служба, се презема со цел да се амортизира ценовниот удар врз граѓаните и бизнис-секторот во период на кризна состојба, која произлегува од можноста за нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати, а врз основа на владините пресметки, намалувањето на даночната стапка значително ќе го ублажи најавениот раст на малопродажните цени.
Повластената даночна стапка е од привремен карактер и ќе се применува од полноќ на 15 септември до 28 септември.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска донесе одлука со која бензините поскапуваат за три и пол денари, а дизелот поевтинува за два денари.
Со тоа, новата цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 100,50 денари за литар, додека еуросупер БС-98 ќе се продава за 102,50 денари за литар. Цената на дизелот, пак, ќе изнесува 99 денари.
