Оттаму бараат веднаш да се земат примероци од водата и угината риба, да се направат лабораториски анализи за да се утврди причината за угинувањето, како и да се изврши контрола на сите можни извори на загадување
Од спортското риболовно здружение „Хантер Фич“ од Кичево на социјалната мрежа Фејсбук објавија фотографии од угината риба во реката Треска и побараа итна реакција од надлежните институции.

„Реката Треска е еден од најважните водни екосистеми во Кичево. Секое загадување, труење или друга интервенција која го загрозува животот во реката мора да биде детално испитана и да се утврди причината и одговорноста“,
се вели во соопштението од Здружението.
Оттаму бараат веднаш да се земат примероци од водата и угината риба, како и да се направат лабораториски анализи за да се утврди причината за угинувањето.
„Да се направи контрола на сите можни извори на загадување, а надлежните институции да ја информираат јавноста за резултатите и да преземат мерки за заштита на реката и живиот свет. Не смееме да дозволиме уште еден ваков случај да помине без одговор“,
се вели во реакцијата.
Според Здружението, реката Треска не е канал за отпад, туку живот.
„Да ја заштитиме рибата, водата и природата за генерациите што доаѓаат“,
порачаа оттаму.
