Додека Киев се соочува со масовни удари врз енергетската мрежа во пресрет на зимата, американскиот претседател апелира да се запрат украинските напади кои предизвикуваат недостиг на дизел-гориво во Русија

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, информираше дека за само една недела руските сили истрелале околу 2 100 беспилотни летала со долг дострел, 1 700 наведувани воздушни бомби и 78 ракети од различни типови, а нападите биле насочени кон енергетскиот сектор, железницата, претпријатијата и домовите, со посебен фокус на Одеса и западните региони, вклучително и Волинија во близина на полската граница.
„Токму за да се спречи понатамошно ширење на овие напади, врз Европа, украинските мажи и жени секојдневно се борат, по цена на своите животи, и го спречуваат ширењето на агресијата“,
рече Зеленски.
Паралелно, американскиот претседател Доналд Трамп, за време на неговата посета на Ирска, упати јавен повик до својот украински колега да ги прекине нападите врз руската дизел-инфраструктура. Одговарајќи на новинарски прашања по неговиот неодамнешен телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, Трамп изјави дека веќе разговарал со Зеленски на оваа тема, сугерирајќи му да избира други воени цели, но не и нафтените капацитети, бидејќи нивното уништување предизвикува сериозен недостиг на дизел-гориво.
Украинските напади со дронови на големи оддалечености со месеци се насочени кон руската нафтена и гасна индустрија, сектор кој според Киев директно ја финансира четиригодишната инвазија, а оваа украинска кампања веќе доведе до рестрикции на горивото во различни делови на Русија и ја доближи војната до обичните руски граѓани преку напади врз големи онлајн-трговци. Како одговор, Москва изминатите недели ја засили својата воздушна офанзива користејќи балистички ракети и дронови со млазни мотори, таргетирајќи ја пред сè украинската електроенергетска мрежа во пресрет на зимата
