Со 62 гласа „за“, пратениците го поддржаа новиот владин кабинет чија програма останува речиси идентична со претходната, а назначени се и тројца вицепремиери и нови министри
Собранието на Косово со 62 гласа „за“ денеска повторно го избра Албин Курти за премиер на државата, откако мандатарот ја претстави новата владина програма, која е речиси идентична со претходната од февруари годинава, пратениците го изгласаа и новиот владин кабинет во кој се именувани тројца заменици на премиерот и раководни лица на сите министерства.

Во новиот состав, за прв заменик-премиер и министер за надворешни работи и дијаспора е избран Глаук Конјуфца, функцијата втора заменик-премиерка и министерка за правда ќе ја извршува Доника Гервала, додека трет заменик-премиер задолжен за прашања на малцинствата и соработка ќе биде Фикрим Дамка. Во клучните безбедносни и финансиски ресори, Џељаљ Свечља ќе го води Министерството за внатрешни работи, Ејуп Маќедонци е избран за министер за одбрана, додека Хекуран Мурати застанува на чело на Министерството за финансии.
Економските, инфраструктурните и еколошките сектори добиваат нови раководители, при што Артане Ризваноли е избрана за министерка за економија, а Мимоза Кусари-Лила ќе раководи со Министерството за индустрија, претприемништво, трговија и иновации. Димал Баша е назначен за министер за инфраструктура и сообраќај, Арменд Муја за министер за земјоделство, шумарство и рурален развој, додека Фиторе Пацоли го презема Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во сферата на општествените дејности, здравството и локалната управа, министерската позиција во здравство му е доверена на Арбен Витиа, Хајрула Чеку ќе го води Министерството за образование и наука, додека Саранда Богујевци е нова министерка за култура и туризам. Андин Хоти е избран за министер за труд, семејство и вредности на ослободителната војна, Љуљзон Јагџиу за јавна администрација и дигитализација, а Блерим Гашани за спорт и млади. Со Министерството за администрација на локалната самоуправа ќе раководи Ељберт Красниќи, Ненад Рашиќ останува министер за заедници и враќање, додека Расим Демири ќе го води Министерството за регионален развој.
