Очекувањата на премиерот се оваа мерка да придонесе за намалување на цената на дизелот, наместо нејзино драстично зголемување, иако, како што додаде, тоа ќе има импликации врз државниот буџет
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека владата денеска ќе одржи седница на која ќе биде донесена мерка за намалување на ДДВ за дизел горивото од 18 на 10 проценти, со цел да заштити стандардот на граѓаните од зголемувањето на цените горивата.

Очекувањата на премиерот се оваа мерка да придонесе за намалување на цената на дизелот, наместо нејзино драстично зголемување, иако, како што додаде, тоа ќе има импликации врз државниот буџет. Тој потсети дека во сила веќе има мерки за ублажување на цените на горивата, односно дека се намалени акцизите и за дизелот и за безоловниот бензин.
„Во текот на денот денеска ќе имаме повторно владина седница, преку видео-врска, и ќе донесеме уште една мерка, а тоа е намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за дизел горивото од 18 на 10 проценти, со што очекуваме наместо да има драматично зголемување, да има намалување на цената на дизел горивото. Секако, тоа ќе има некакви импликации врз буџетот, но она што е наш интерес како Влада е да го штитиме колку можеме и умееме и знаеме стандардот на граѓаните“,
рече Мицкоски одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на нова подземна катна гаража и плоштад во Велес.

Премиерот рече дека справувањето со порастот на цените на горивата поради енергетската криза, предизвикана од случувањата на Блискиот Исток, не е лесно, но порача дека ќе се борат, цените во земјава и понатаму да останат најниски во споредба со другите држави од соседството.
„Имаме, видете, светски предизвици, неколку војни во нашето најблиско соседство, најголема енергетска криза којашто човештвото ја памети, но ете, жилави сме, ќе се бориме. Имаме сè уште, и ќе остане така, убедливо најниска цена за горивата. Дали е таа во суштина ниска кога плаќате 95-96 денари по литар дизел или 100 денари? Не е, но е поевтина од таа што ја плаќаат во соседството каде што е 150 денари, да речеме. Така што, она коешто за нас е важно е да дадеме сè од себе за да го штитиме колку можеме стандардот на граѓаните“,
рече премиерот.
