Специјалната награда на жирито му припадна на документарниот филм „Наза“ (NAZA), потресно остварување на израелските режисери Јувал Абрахам и Рејчел Зор, кое се занимава со израелската воена агресија врз Појасот Газа
Данската драма „Непознатата жена“ во режија на Меј ел-Туки синоќа го освои престижниот „Златен лав“ на 83. Меѓународен филмски фестивал во Венеција, додека Специјалната награда му припадна на документарниот филм „Наза“, кој се занимава со воените стратегии и случувањата во Појасот Газа.

Фестивалското жири, со кое претседаваше Меги Џиленхол, ги прогласи сите добитници на наградите во главната натпреварувачка програма. Ел-Туки, која годинава беше единствената жена што самостојно режираше филм во главната конкуренција, стана осмата режисерка во историјата на фестивалот со ова главно признание.
„За мене, овој филм зборува за женското тело како бојно поле. Истовремено, филмот зборува за жените кои се незабележани, невидливи и без глас“,
изјави Ел-Туки, заблагодарувајќи ѝ се на Џиленхол за нејзиниот ангажман околу нееднаквите можности за жените во филмската индустрија.
Делото ја следи младата дадилка и домашна помошничка која непосредно по завршувањето на Втората светска војна треба да се омажи за својот богат работодавач, додека крие тајна љубовна врска со германски војник од минатото, што се заканува да ѝ го уништи угледот. Главната актерка во филмот, Матилд Арсел, ја освои наградата за најдобра актерка.
Специјалната награда на жирито му припадна на документарниот филм „Наза“ (NAZA), потресно остварување на израелските режисери Јувал Абрахам и Рејчел Зор, кое се занимава со израелската воена агресија врз Појасот Газа. Филмот бил сниман три години во строга тајност, ноќе на покриви од згради во Тел Авив, и содржи сведоштва на 24 поранешни припадници на израелската армија, кои говорат за војната и за систематското убивање палестински цивили. На барање на авторите, филмот беше дополнително вклучен во главната програма и прикажан во доцен термин, по што следеа рекордни 25-минутни овации.
„Искрено, воопшто не е лесно да стоиме овде и да мислиме на сите луѓе, израелски политичари и новинари дома кои го напаѓаат овој филм и го негираат, а притоа воопшто не го погледнале. За нас е навистина важно Израелците да го погледнат овој филм“,
порача Абрахам при преземањето на наградата.

Наградата за најдобар актер му беше доделена на Џон Малкович за улогата во црната комедија за ЦИА, „Вајлд хорс најн“ (Wild Horse Nine). Малкович не присуствуваше на церемонијата, но се обрати преку видеопорака од Монтреал, каде што моментално снима.
„Чест ми е што сум избран за оваа награда, која им е доделувана на многу исклучителни актери“,
рече тој.
Сребрениот лав (Големата награда на жирито) го освои филмот „Можна љубов“ на јужнокорејскиот режисер Ли Чанг-донг, кој носи поетска приказна за класните разлики и трудот. Сребрениот лав за најдобра режија му припадна на Илја Крижановски за проектот „Дау“, посветен на советските физичари кои работеле на атомската бомба – продукција која траела повеќе од 20 години. Крижановски, кој се откажал од руското државјанство во знак на протест поради војната во Украина, признанието им го посвети на Украинците и на својата мајка, која е родена во Украина.
Наградата за најдобро сценарио ја освои францускиот режисер Стефан Бризе за драмата „Добар мал војник“ (A Good Little Soldier), додека наградата „Марчело Мастројани“ за најдобра млада актерка ѝ припадна на Малај Кебизи за улогата во филмот „Место за лекување“ (A Place to Heal) на Седрик Кан, чија дејност е сместена во адолесцентно психијатриско одделение.
Покрај претседателката Меги Џиленхол, во овогодишното жири членуваа и режисерката на филмот „Гласот на Хинд Раџаб“, Каутер Бен Ханија, англискиот композитор Даниел Блумберг, францускиот режисер Ксавје Џаноли, авганистанската режисерка Шарбан Садат и хонконшкиот режисер Џони То.
Наградите на фестивалот во Венеција традиционално важат за еден од главните показатели за идните номинации и фаворити за наградите Оскар.
