Две возила директно се судриле ноќеска кај полициската база Брест. Во несреќата животот го загубија 51-годишен маж и неговиот 18-годишен син, додека уште три лица се наоѓаат во тешка здравствена состојба
Тешка сообраќајна несреќа со фатални последици се случила ноќеска околу 2 часот по полноќ на општинскиот пат Илинден – Миладиновци, во непосредна близина на полициската база Брест, која се наоѓа во склоп на Меѓународниот аеродром Скопје, информираа од Основното јавно обвинителство. Оттаму велат дека во директниот судир меѓу два автомобила на лице место животот го загубија две лица, а уште три се здобија со тешки телесни повреди.

Според информациите, несреќата настанала кога автомобил марка „опел корса“ со кумановски регистарски ознаки, управуван од 19-годишно момче од Куманово, директно се судрил со автомобил „хјундаи И30“, зад чиј волан се наоѓал 51-годишен жител на населбата Марино. Од силината на ударот, на самото место на трагедијата починале возачот на возилото „хјундаи“ и неговиот 18-годишен син. Во истото возило потешко е повредена и неговата 18-годишна ќерка. Во исклучително критична, животозагрозувачка состојба се наоѓаат и возачот на „корсата“ и неговиот 19-годишен сопатник. Тие со тешки телесни повреди веднаш биле пренесени во болница, каде што медицинскиот персонал се бори за нивните животи.
На местото на несреќата увид извршиле дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, вешто лице и увидни екипи на Министерството за внатрешни работи. Јавниот обвинител издал наредба за обдукција на телата на двете починати лица, а во моментов интензивно се преземаат сите неопходни истражни дејствија за да се утврдат точните причини кои довеле до овој кобен судир.
