„Апсолутно сметам дека е погрешен впечатокот дека судовите ги носат одлуките под притисок, под влијание или во служба на јавното обвинителство. Пресудите се носат во името на граѓаните на Република Северна Македонија, врз основа на примена на законите и доказите што се содржани во тие предмети“, изјави денеска републичкиот јавен обвинител одговарајќи на новинарско прашање во контекст на пресудите за предметот „Ласкарци“ и за Стевчо Јакимовски што Врховниот суд ги укина вчера
Во однос на забелешките дека на прославата по повод Денот на независноста имал „почесно“ место до премиерот, Савески рече дека седел на место определено со владиниот протокол и оти не смета дека бил привилегиран во однос на другите гости
Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески не се согласува со оценките дека судовите работат под притисок или во служба на Јавното обвинителство. Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање за коментар на одлуките на Врховниот суд со кои се укинати пресудите во предметот „Ласкарци“ и за поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, пренесе МИА.

Одговарајќи на прашањето, Савески нагласи дека Врховниот суд не ги оценува обвиненијата, туку законитоста на одлуките донесени од пониските судови. Тој доби прашање поврзано со притворот на првообвинетиот во предметот „Пулс“, кој треба да му биде укинат на почетокот на следниот месец бидејќи така налага законот. Републичкиот јавен обвинител посочи дека роковите за притвор се законски утврдени и мора да се почитуваат, иако, како што рече, обвинителството секогаш има на располагање и други законски можности.
Во однос на првата тема, за укинувањето на пресудите за автобуската несреќа кај Ласкарци и за ексградоначалникот на Карпош, Савески беше прашан за став во врска со коментарите на дел поранешни судии и адвокати дека првостепените судови носат пресуди без доволно да ги ценат доказите, а потоа тие се укинуваат од повисоките судови. Савески беше категоричен дека таквите оценки се погрешни.
„Не можам да прифатам, и апсолутно сметам дека е погрешен впечатокот дека судовите ги носат одлуките под притисок, под влијание или во служба на јавното обвинителство. Пресудите се носат во името на граѓаните на Република Северна Македонија, врз основа на примена на законите и доказите што се содржани во тие предмети“,
изјави Савески кој на новинарските прашања по денешната седница на Советот на јавните обвинители.
Во однос на прашањето дали проблемот во предметите „Ласкарци“ и „Стевчо Јакимовски“ е во обвиненијата, Савески нагласи дека Врховниот суд не ги оценувал обвинителните акти, туку судските одлуки донесени во пониските инстанци.
„Одлуките на повисоките судови се во врска со одлуките на пониските судови. Врховниот суд не ги ценел обвиненијата, туку одлуките на второстепениот и првостепениот суд“,
кажа републичкиот јавен обвинител.
Осврнувајќи се на предметот „Пулс“ и на извесноста дека сопственикот на т.н. кабаре, Дејан Јованов-Деко ќе излезе од притвор поради истекување на законските рокови до кога може да му биде продолжувана мерката, тој посочи дека притворот е регулиран со закон и со максимално утврдени рокови кои мора да се почитуваат.
„Траењето на притворот е регулирано со закон и со максимални рокови. Во овој случај е извесно дека тие рокови наскоро ќе се исцрпат“,
рече Савески.
Тој не сакаше да прејудицира дали обвинителството ќе побара примена на други мерки за обезбедување присуство на обвинетиот и нагласи дека тоа е во надлежност на обвинителите што постапуваат по предметот.
„Да, секогаш има можности. Дали во овој случај некои од тие можности ќе бидат применети, навистина оставете времето да покаже. Не би сакал сега ништо да прејудицирам. Тоа се јавнообвинителски одлуки и доколку изразам свој став во врска со таа работа, би можело да се создаде чувство дека сакам да го наметнам на конкретните јавни обвинители кои постапуваат во тој предмет. Јас тоа не го сакам. Оставам за тоа да ценат јавните обвинители кои постапуваат во конкретниот предмет“,
кажа републичкиот јавен обвинител.
Во врска со стравувањата во јавноста дека по истекувањето на притворот би можело да се појави ризик од бегство, Савески повтори дека и судовите и обвинителството се должни да ги почитуваат законските рокови, без оглед на околностите поради кои претходно бил определен или продолжен притворот.
На новинарско прашање дали ќе поднесе жалба на одлуката на дисциплинската комисија во предметот поврзан со обвинителот Јован Цветановски, Савески одговори дека рокот за поднесување жалба веќе истекол и дека нема да преземе таков чекор.
Во однос на забелешките дека на прославата по повод Денот на независноста имал „почесно“ место до премиерот, Савески рече дека седел на место определено со владиниот протокол и оти не смета дека бил привилегиран во однос на другите гости.
„Тоа е место што беше предвидено со протоколот на Владата, која беше организатор на настанот и каде што ми беше определено местото. Го почитувам редот во куќата каде што сум отишол и воопшто не сметам дека сум почестен или привилегиран во однос на другите гости. Таму точно се знаеше кој каде седи. Не знам зошто воопшто констатацијата е дека станува збор за почесно место“,
изјави Савески.
