Во нападите на Ал Каеда загинаа речиси 3 000 луѓе. Терористите киднапираа четири патнички авиони, од кои два удрија во кулите на Светскиот трговски центар и еден во Пентагон, додека четвртиот се урна во Пенсилванија откако патниците им се спротивставија на киднаперите
Уривањето на кулите високи 400 метри и пожарите што следуваа ослободија високотоксична мешавина од прашина, стаклени влакна, азбест, бетон, гипс картон, изгорена пластика и други опасни материи во воздухот и поради тоа областа во широк периметар околу местото на нападот со недели беше опасно по здравјето на луѓето
Соединетите Американски Држави (САД) денеска одбележуваат 25 години од терористичките напади на 11 септември 2001 година, во кои загинаа речиси 3 000 луѓе.

Според најавите, се очекува американскиот претседател да присуствува на комеморација во Пентагон, зградата на Министерството за одбрана на земјата, во која удри еден од киднапираните авиони, кратко време откако два претходно ги погодија кулите близначки на тогашниот Светски трговски центар во Њујорк.
Како дел од настаните по повод одбележувањето на страшниот чин, во Њујорк членовите на семејствата ќе ги прочитаат имињата на жртвите на местото на нападите.
Што се случи на 11 септември 2001 г.
Во нападите на Ал Каеда загинаа речиси 3 000 луѓе. Терористите киднапираа четири патнички авиони, од кои два удрија во кулите на Светскиот трговски центар и еден во Пентагон, додека четвртиот се урна во Пенсилванија откако патниците им се спротивставија на киднаперите. И по четврт век од нападите сè уште не е утврдено која била целта на терористите во четвртиот авион.
Терористичките напади врз САД пред 25 години доведоа до безбедносни, стратегиски и политички промени не само во Соединетите Држави, туку имаа влијание врз целиот свет.
По нападите, САД ја сменија воената стратегија напуштајќи го концептот на одвраќање кон право на превентивни воени напади врз држави кои кријат или поддржуваат терористички групи. Применувајќи ја доктрина на превентивна војна (доктрина на Буш), САД во 2001 година ја почнаа глобалната војна против тероризмот и го нападнаа Авганистан, а две години подоцна и Ирак.
Првпат во историјата на НАТО беше активиран членот 5 од Северноатлантскиот договор за заедничка одбрана, а Алијансата дејствуваше надвор од евроатлантскиот регион. Со тоа се променија и стратегијата и мисијата на НАТО од класична одбрана на границите во Европа кон борба против глобалниот тероризам.
Откако САД потврдија дека зад нападите стои Ал Каеда со база во Авганистан, членот 5 стана целосно оперативен на 4 октомври 2001 година, со што се овозможи директно учество на сојузниците во воените и безбедносните операции.
Деветнаесет припадници на исламистичката екстремистичка група Ал Каеда киднапираа четири комерцијални патнички авиони и извршија координирани самоубиствени напади. Тоа е најголемиот терористички напад врз САД при што загинаа 2 996 луѓе меѓу кои и 19 киднапери на четирите авиони. Меѓу жртвите имаше и странски државјани од над 90 земји.
За време на нападите тогашниот американски претседателот Џорџ В. Буш беше во Флорида, но вечерта, 12 часа по првиот напад, тој ѝ се обрати на нацијата од Белата куќа и му објави војна на тероризмот.
„Терористичките напади можат да ги потресат темелите на нашите најголеми згради, но не можат да ги допрат темелите на Америка. Овие акти го кршат челикот, но не можат да го нарушат челикот на американската решителност. Ние нема да правиме разлика помеѓу терористите кои ги извршија овие акти и оние кои ги кријат“,
рече тогаш Буш.
Војната против тероризмот
Лидерот на Ал Каеда, саудискиот милијардер Осама бин Ладен, за време на нападите беше во Авганистан. САД побараа екстрадиција на Бин Ладен, но талибанците одбија.
На 7 октомври стартуваше меѓународната операција „Трајна слобода“, предводена од САД за соборување на талибанскиот режим во Авганистан, уништување на Ал Каеда, суспендирање на терористичката закана и поддршка на демократијата. Но, водачот на терористичката организација речиси 10 години ја избегнуваше правдата, а американските војници по 20 години го напуштија Авганистан и со тоа завршувајќи ја најдолгата војна во историјата на САД, а талибанците се вратија на власт.
Американските сили на 2 мај 2011 година го пронајдоа и го убија Османа бин Ладен во Аботабад, Пакистан. Тоа се случи за време на вториот мандат на американскиот претседател Барак Обама.
Ал Каеда по елиминацијата на нејзините основачи Осама бин Ладен и Ајман ал Завахири, кој беше убиен во американски напад со дрон во Кабул во јули 2022 година, ја загуби својата моќ, но сè уште има свои ограноци на Блиски Исток и во Африка.
Нападите на 11 септември предизвикаа и безбедносни импликации во САД и светот. САД го формираа Министерството за татковинска безбедност и ја воведеа функцијата директор на националното разузнавање за да се надминат пропустите во споделувањето информации помеѓу американските агенциите како ЦИА и ФБИ.

Уследи и реформа на меѓународните разузнавачки служби, се зголеми прекуграничната соработка помеѓу разузнавачките агенции на НАТО, на Европската Унија и на Интерпол со фокус на пресекување на каналите за финансирање тероризам.
Починати од здравствени проблеми поврзани со нападите
За време на денешната комеморација во Њујорк, присутните ќе им оддадат почит на жртвите со неколкуминутно молчење, а почит ќе им биде оддадена и на лицата што починаа подоцна како последица на нападите.
Владата на САД призна дека бројот на луѓе кои починале од здравствени проблеми поврзани со нападите го надминал бројот на жртвите во самите напади. Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) досега регистрирал повеќе од 57 000 случаи на лица заболени од рак поврзани со нападите.
Паѓањето на кулите високи 400 метри и пожарите што следуваа ослободија високотоксична мешавина од прашина, стаклени влакна, азбест, бетон, гипс картон, изгорена пластика и други опасни материи во воздухот и поради тоа областа во широк периметар околу местото на нападот со недели беше опасно по здравјето на луѓето.
