Мицкоски вели дека сите производствени капацитети се подготвени за почетокот на грејната сезона, кога и да започне таа во зависност од временските услови

Владата работи на методологија со цел да се спречи поскапувањето на електричната енергија, а доколку има можност и да се намали нејзината цена за граѓаните, најави премиерот Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Штип.
Одговарајќи на новинарски прашања за енергетската слика во земјава пред претстојната грејна сезона, Мицкоски порача дека состојбата е стабилна и дека е обезбедено непречено снабдување за домаќинствата и за бизнис-секторот.
Тој рече дека Владата прави напори цената на струјата да остане иста или да се намали, и покрај глобалните предизвици и енергетската криза предизвикана од конфликтот во Арапскиот Залив.
Мицкоски вели дека сите производствени капацитети се подготвени за почетокот на грејната сезона, кога и да започне таа, во зависност од временските услови.
Во однос на цените на горивата, Мицкоски повтори дека тие се и до половина евро поевтини по литар во споредба со Грција, Албанија и Србија, главно благодарение на редуцираното ниво на акцизата.
„Се разбира дека и во моментот аплицираме мерки, а тоа е редуцираното ниво на акцизата, но во зависност од интензитетот на кризата, така ќе ги димензионираме мерките“,
рече тој.
Премиерот посочи дека покрај глобалните кризи, буџетот е стабилен, инфлацијата е ниска меѓу 2,3 и 2,6 проценти, економскиот раст во вториот квартал изнесува 4,3 отсто, извозот бележи раст, а во изминатиот период се отворени и 17 000 нови работни места.
