Тестирањето, кое ги мери вештините за решавање проблеми и примената на знаењето во реални ситуации, покажува дека македонските ученици постигнале пониски резултати од просекот на земјите од ОЕЦД во сите три главни области, како и во делот за решавање компјутерски проблеми

Најновите резултати од меѓународното оценување на учениците ПИСА 2025 покажуваат пад на перформансите во читањето и математиката на глобално ниво. Во Северна Македонија, 15-годишните ученици имаат пониски резултати по математика во споредба со 2022 година, додека постигнувањата по читање и наука остануваат на приближно исто ниво, покажуваат резултатите.
Тестирањето, кое ги мери вештините за решавање проблеми и примената на знаењето во реални ситуации, покажува дека македонските ученици постигнале пониски резултати од просекот на земјите од ОЕЦД во сите три главни области, како и во делот за решавање компјутерски проблеми.
Според податоците од извештајот, најголем дел од учениците во земјава се соочуваат со сериозни недостатоци во основните вештини.
Ниски постигнувања и загрижувачки јаз
По математика само 32 отсто од учениците достигнале барем основно ниво на познавање, додека просекот на ОЕЦД изнесува 65 проценти. Околу 1 процент од учениците во Северна Македонија постигнале најдобри резултати во математика, што значи дека постигнале ниво 5 или 6 на тестот за математика.
Кај науката, околу 36 проценти од учениците во земјава ги совладале основните концепти.
Резултатите покажале дека како минимум, овие ученици можат да го препознаат точното објаснување за познати научни феномени и можат да го користат таквото знаење за да идентификуваат, во едноставни случаи, дали заклучокот е валиден врз основа на дадените податоци.
Во оваа област ниту еден ученик не се искачил на највисоките нивоа 5 или 6.

Околу 26 проценти од учениците во Северна Македонија постигнале ниво 2 или повисоко во читање, а ниту еден ученик не достигнал до највисоките нивоа.
„Како минимум, овие ученици можат да ја идентификуваат главната идеја во текст со умерена должина, да најдат информации врз основа на експлицитни, иако понекогаш сложени критериуми и можат да размислуваат за целта и формата на текстовите кога се експлицитно насочени кон тоа“,
се наведува во резултатите.
Во извештајот со резултатите се наведува дека во периодот од 2022 до 2025 година е забележано зголемување на јазот меѓу 10 проценти од учениците со најдобри резултати и 10 отсто од оние со најслаби постигнувања во сите три области – математиката, читањето и природните науки.
Дигитална расеаност и употреба на вештачка интелигенција
Во однос на употребата на технологијата, дури 33 проценти од учениците во Северна Македонија пријавиле дека нивните соученици често се расеани од дигиталните уреди за време на часовите по наука, што директно се одразува врз постигнувањата – оние кои пријавиле дигитално расејување постигнале во просек за 22 поени пониски резултати. Во обид да го сузбијат овој проблем, 60 отсто од училиштата во земјава вовеле забрана за користење мобилни телефони.
Истовремено, вештачката интелигенција станува секојдневие за македонските ученици. Дури 44 проценти од нив изјавиле дека користат вештачки чет-ботови за училишни задачи барем еднаш неделно, главно за прелиминарни истражувања, сумирање текстови и подготовка на писмени состави.
Иако социо-економскиот статус останува фактор за успехот, тој во Северна Македонија сочинува 7 проценти од варијацијата во научните достигнувања, што е помалку од просекот на ОЕЦД (12%).
„Околу 18 отсто од учениците во неповолна положба во Северна Македонија беа во можност да постигнат резултати во највисокиот квартал од научните достигнувања. Овие ученици може да се сметаат за академски отпорни бидејќи, и покрај нивната социо-економска неповолна положба, тие постигнале образовна извонредност во споредба со учениците во нивната земја“,
се наведува во резултатите.
Позитивен тренд е забележан кај односот со наставничкиот кадар, каде 80 отсто од учениците наведуваат дека наставниците покажуваат интерес за нивното учење и им даваат дополнителна помош. Од друга страна, забележан е пад на семејната поддршка и дискусиите за училишните проблеми во домашниот амбиент во споредба со 2022 година, како и зголемување на стапките на отсуство од часовите и доцнење на училиште.
Оценувањето ПИСА 2025 во Северна Македонија е спроведено врз репрезентативен примерок од 6 977 ученици од 124 училишта, претставувајќи околу 90 отсто од целата популација на 15-годишници во земјата.
