Во честитките, заедничка порака и на партиите и на политичарите е дека овој ден е повод за потсетување на историската одлука на граѓаните од 1991 година, но и за размислување за иднината на државата, потребата од посилни институции, еднаквост, владеење на правото и создавање услови младите својата иднина да ја градат во Македонија
Политичките партии и претставници на власта и опозицијата денеска упатија честитки до граѓаните по повод 8 Септември – Денот на независноста и 35-годишнината од референдумот на кој беше донесена одлуката за самостојна и суверена македонска држава.
Истовремено, упатија и пораки за заедничко градење на иднатата и создавање попросперитетна држава за идните генерации.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека независноста е заедничка одговорност и аманет за идните генерации, потсетувајќи дека пред 35 години граѓаните ги обединил сонот за слободна и независна Македонија.
„Независноста е чувство на припадност, љубов кон татковината и одговорност кон иднината. Таа е обврска да го зачуваме она што ни е оставено и со достоинство да го предадеме на генерациите што доаѓаат“,
се вели во партиската честитка.
За владејачката партија Влен, 8 Септември е ден кој им припаѓа на сите граѓани, без оглед на етничката припадност, јазикот, верата или политичките убедувања.
Во партиското соопштение по повод празникот се наведува и дека државата се гради со заеднички придонес, а во наредниот период потребно е да се продолжи со градење функционална, демократска и економски развиена држава, во која еднаквоста, правдата и владеењето на правото ќе бидат секојдневни вредности.
„Европскиот пат на Северна Македонија нема алтернатива. Интеграцијата во Европската Унија значи повисоки стандарди, повеќе можности за граѓаните, посилни институции и посигурна иднина за младите генерации“,
велат од Влен.
Честитка упати и Движењето ЗНАМ за наша Македонија, од каде нагласуваат дека независноста е чест, но и обврска да се чува државноста, да се брани достоинството и да се создаде Македонија во која секој граѓанин ќе има сигурна иднина и еднакви можности.
Оттаму велат дека Македонија е заедничка татковина, независноста е наследство, а иднината е заедничка обврска и повикуваат на заедничко градење силна, стабилна, достоинствена и европска држава.
Од Демократскиот сојуз во честитката потсетува на сложените околности во кои се одвивал процесот на осамостојување на државата и на бројните предизвици и блокади со кои Македонија се соочувала во изминатите три и пол децении.
Од партијата упатија повик за единство и обединување околу најважните државни и национални интереси, со цел заедничко градење на модерна, демократска и европска држава.
„Добро е што денес, без разлика на политичките и другите разлики, сите сме горди, обединети и го славиме Денот на независноста. Тој ден е симбол на вековната борба за слобода и државност и претставува продолжение на идеалите на илинденците, партизаните и сите современици кои придонеле за зачувување и афирмација на македонската самобитност, државност и достоинство“,
пишува во честитката.
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, во својата порака по повод Денот на независноста, порача дека по 35 години е време за суштинска промена на системот и за поголема одговорност на институциите и функционерите.
Оцени дека се менуваат политичките партии на власт, но дека системот и практиките остануваат исти, порачувајќи дека на Македонија не ѝ е потребна само смена на власта, туку вистинска промена на начинот на функционирање на државата.
„Државата пред партијата. Институциите пред функциите. Одговорноста пред изговорите“,
порача Зајкова, предупредувајќи дека младите ќе продолжат да ја бараат својата иднина надвор од државата доколку не се направат суштински промени.
Честитка по повод 8 Септември упати и министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, кој порача дека 35 години независност се период исполнет со предизвици, достигнувања и искуства кои го трасирале патот на државата.
Според него, одговорност на сегашните генерации да го чуваат и надградуваат создаденото и да градат држава со силни институции, развиени локални заедници, еднакви можности и рамномерен развој.
Министерот за правда Јетон Шасивари, во својата честитка, истакна дека независноста е историско достигнување, но и обврска државата секојдневно да се гради и зајакнува.
Според него, силна држава е онаа во која законот важи еднакво за сите, правдата е независна, а институциите се професионални и доверливи.
Посочи и дека патот кон Европската Унија минува преку владеењето на правото, одржливите реформи и почитувањето на човековите права.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев, пак, порача дека независноста е одговорност кон државата, граѓаните и идните генерации.
„Да ја чуваме со гордост, да ја градиме со љубов и одговорност и да оставиме зад себе држава во која идните генерации ќе сакаат да останат, да живеат и да го градат својот сон“,
порача тој.
Поврзани вести:
