Според опозициската партија, возач нема никаква моќ да вработува, но генералниот секретар на Влада, како Јанушев, кој воедно е и член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, како што посочуваат од СДСМ, има
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) бара проширување на истрагата против возачот ангажиран за Генералниот секретаријат на Владата од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), кој бил фатен како прима дел мито што го побарал од скопјанец за да му помогне да се вработи како пожарникар.

Утрово оттаму, преку соопштение, велат дека случајот, што го оценуваат како скандал, не може да се заташка и истагата мора да се прошири бидејќи, како што наведуваат од „Бихаќка“, тој отвора едно клучно прашање поврзано со генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
„Каква била улогата на Јанушев во овој случај со мито? Возачот на Јанушев бил фатен со претходно обележани банкноти затоа што наводно барал 1 500 евра за да посредува во вработување пожарникар во Град Скопје“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз.
Според опозициската партија, возач нема никаква моќ да вработува, но генералниот секретар на Влада, како Јанушев, кој воедно е и член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, како што посочуваат од СДСМ, има.
Ова, додаваат, е само еден аспект на случајот, кој, според нив, отвора сериозен сомнеж.
„Дали возачот е само негова продолжена рака и посредник?“,
прашуваат од СДСМ.
Оттаму наведуваат дека ова е втор скандал поврзан со кабинетот на Јанушев оваа година, откако претходно посебен советник за економски прашања во кабиниетот на генералниот секретар бил дел од група осомничена за лихварство и перење пари.
„Премногу скандали врзани со Јанушев, за неговиот имот, за неговата фирма во Бугарија, за неговите соработници… Обвинителството се врати ли од екскурзија? Истрагата мора да се прошири“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Случајот со осомничениот возач беше обелоденет викендов, откако по информациите што почнаа да кружат во јавноста, Министерството за внатрешни работи соопшти дека по пријава од граѓанин, лице со иницијали Д. Ц. било фатено како прима 500 евра во обележани банкноти. Парите, како што информира Министерството, биле дел од вкупна сума од 1 500 евра што осомничениот ја барал за да помогне при вработување.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), подоцна соопштија дека е отворена истрага против лице вработено во Службата за општи и заеднички работи, кој работел како возач на висок владин функционер.
Возачот се товари за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание. На предлог на обвинителот на ОЈО ГОКК, нему му е одреден притвор од 30 дена.
Во врска со случајот опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ си разменија обвинивања. Од СДСМ веднаш побараа одговорност од целата Влада, на што од владејачката партија одговорија дека да се случело такво нешто во времето додека социјалдемократите беа на власт, ќе било скриено од јавноста.
Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, преку објава на Фејсбук, целосно се огради од постапките на неговиот возач, наведувајќи дека ја поддржува акцијата на надлежните институции за спречување на корупцијата, како и храброста и решителноста на граѓанинот кој го пријавил барањето мито и соработувал со институциите за случајот да биде откриен и процесиран.
„Неговото постапување нема никаква врска со мене, со мојата функција, со моето работење или со каква било моја одлука или постапка. Лицето е возач кој во минатото работел и кај други функционери, а на позицијата возач кај генерален секретар е само околу шест месеци. Неговото незаконско постапување е исклучиво негова лична одговорност и за стореното треба да одговара пред надлежните институции“,
напиша Јанушев.
