Според него, економската активност покажува тренд на консолидирање на државата, имајќи ја предвид состојбата пред три години

Премиерот Христијан Мицкоски очекува оваа година да заврши со раст на бруто-домашниот производ меѓу 3,5 и 4 отсто. Очекувањата, како што вели тој, се во услови кога светот ја има најголемата енергетска криза којашто ја памети човештвото.
Според него, економската активност покажува тренд на консолидирање на државата, имајќи ја предвид состојбата пред три години.
„Во вториот квартал има исклучително силна економска активност во Македонија. Убедливо најголема во регионот. Сѐ уште не се познати податоците за Грција, Косово и Албанија, но споредено со сите држави во регионот, од Турција преку Бугарија, Романија, Србија, БиХ, Црна Гора, Хрватска и така натаму, имаме убедливо најголем раст, и не само во вториот квартал, туку и во првото полугодие од годината“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реконструираната Стара чаршија во Општина Гевгелија.
Резултатите, додава Мицкоски, се постигнати во сложени глобални услови, додека светот се соочува со енергетска и економска криза, и Европската Унија бележи раст од 1,2 отсто, а еврозоната од само еден процент.
„2024 година ја завршивме со раст на бруто-домашниот производ од отприлика 3 отсто, 2025 година 3,5, а оваа година во првата половина сме 3,7 проценти. Очекуваме годината да ја завршиме меѓу 3,5 и 4 проценти во услови кога ја имаме во светот најголемата енергетска криза којашто ја памети човештвото, војната во Украина, но и сѐ поголемата економска криза во Европа и тоа мислам дека претставува навистина добар и позитивен резултат“, рече Мицкоски.
Според него, Владата дава максимални напори за решавање на наследените проблеми и дека по 25-26 месеци напорна работа Македонија е значително подобро место за живеење.
„Ќе повторам, дали е сѐ решено? Не е решено. Дали ќе се решава? Ќе се решава. Важно е да не правиме нови проблеми. И верувам и убеден сум дека денес Македонија е многу подобро место за живеење од пред три години, дека идеално не е идеално, и убеден сум дека за три години ќе биде многу подобро место за живеење од тоа што е денес“, додаде Мицкоски.
