Од НАИ упатија критики до партијата Влен и ја обвинија дека не гласала за важните амандмани за проекти во интерес на албанските граѓани

Опозициското дејствување не се мери само со декларации, туку со предлози, конкретни барања во интерес на граѓаните, институционален притисок, континуирана работа и конкретни резултати. Ова денеска го истакнаа од советничката група на Националната алијанса за интеграција (НАИ), предводена од ДУИ, од каде што на прес-конференција излегоа со отчет за досегашното опозициско дејствување во Советот на Град Скопје,
Координаторот Абдулселам Селами истакна неколку прифатени иницијативи и проекти во интерес на граѓаните.
Селами рече дека по реакција на советниците, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го признал пропустот за изоставање на албанскиот јазик на таблата на источниот влез во Скопје и се обврзал на негово коригирање.
Рече дека било побарано решение за пешачкиот премин кај Бит-пазар и оти тој ќе биде легализиран и опремен со соодветна сообраќајна сигнализација и семафор.
Според Селами, една од главните битки била за булеварот „Хасан Приштина“.
„Средствата наменети за изградба на овој булевар остануваат во буџетот и нема да бидат пренаменети за други проекти“,
рече тој.
Другите проекти што ги истакна се отворање библиотеки во средните училишта во Чаир и Сарај, проектирање на продолжението на водоводната мрежа во Горно Нерези, а додаде дека биле поминати и амандманите за Чаир, Сарај, Горно Нерези, онколошките пациенти, лицата со посебни потреби, оштетените училишта од невремето и монтажниот паркинг во „Чаирчана“.
„Овие амандмани беа изгласани од советниците на НАИ и од одредени советници од други политички партии“,
рече тој.
Од НАИ упатија критики до партијата Влен и ја обвинија дека не гласала за важните амандмани за проекти во интерес на албанските граѓани.
„Кога станува збор за декларации, Влен е секогаш присутен. Кога е потребен конкретен глас за Чаир и за другите околни општини, Влен, како и секогаш, го нема. Молчи. Не гласа“,
додаде Селами.
Дополнително, Селами реагираше и за застапеноста на Албанците во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија и институции на Градот Скопје. Наведе дека од вкупно 139 члена во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија и институции во Скопје, само 23 се Албанци, што е околу 15 отсто. Тоа, според нив, претставува прекршување на принципот на правична застапеност за коешто рекоа дека ќе бараат итна корекција.
