Со прикривање средства од наплатените надоместоци за регистрација на возила, најголема штета од околу 788 000 евра е предизвикана на буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП)
Првопријавен во случајот е 49-годишниот С. С., сопственик на фирмата од Кучевиште, која од 2011 година имала овластување за вршење технички преглед на возила
Тројца приведени и поднесени кривични пријави против шест физички и три правни лица е билансот од акцијата на Министерството за внатрешни работи (МВР) против криминална група која со малверзации и лажирање извештаи при наплата на надоместоци при регистрација на возила проневерила над два милиони евра.

Приведени во акцијата се сопственик на фирма од селото Кучевиште и неизвршен член на одбор на директори на осигурително брокерско друштво и уште две лица, кои се сомничат дека учествувале во криминалната шема како извршни членови на брокерското друштво.
Што се однесува до останатите тројца кои се опфатени со кривичната пријава, едниот е вработен во станица за технички преглед на возила во Кучевиште, потоа вработена во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и вработен во друштво за книговодствени услуги.
Кривичните дела што им се ставаат на товар се за проневера во службата, перење пари и други приноси од казниво дело и несовесно работење во службата.
Ги извршиле во периодот од 2021 до почетокот на 2026, изготвувајќи, доставувајќи и одобрувајќи лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила. Извештаите биле доставувани до Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Црвен крст, Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај (РСБПС), Министерството за животна средина и до општините, а во кои биле прикривани средства од наплатените надоместоци.
Првопријавен во случајот е 49-годишниот С. С., сопственик на фирмата од Кучевиште, која од 2011 година имала овластување за вршење технички преглед на возила.
„Во периодот од 01.01.2021 – 20.01.2026 со намера за себе да прибави противправна имотна корист во износ од 138 877 419 денари (околу 2,2 милиони евра) изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до Јавното претпријатие за државни патишта, Црвен крст, Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Mинистерство за животна средина и општините. При изготвување на извештаите и лажирање на податоците, С. С. дејствувал заедно со Д. М., кој бил овластен за изготвување и потпишување на фактури и доставување на извештаи до надлежните институции“,
се наведува во соопштението од МВР.
Прикривањето на паричните средства, според описот на начинот на кој оперирале пријавените, одело преку осигурително брокерско друштво. Иако според закон на сметка на друштвото требало да се наплаќа само полисата за осигурување, во случајот на неговата сметка биле наплаќани предвидените надоместоци за регистрација на возила.
Второ и третопријавените Ш. С. (29) и З. Ѓ. (58), пак, како извршни членови на одборот на директори во брокерското друштво и овластени лица во критичниот период, според МВР, иако знаеле дека приходите потекнуваат од наплата на надоместоци, а не од осигурувањето, заедно со С. С. како неизвршен член на одборот го прикривале потеклото на парите. Тоа го правеле така што ги префрлале парите од една на друга сметка на фирми и ги мешале со приходите од редовното работење по различни основи, во најголем дел од позјамици, а целта била со криминално стекнатите средства да се купуваат недвижности во корист на фирмата на првопријавениот.
Осомнечената Т. М. (64), се товари дека како помошник-директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта му овозможила на првопријавениот незаконски да се стекне со 48 434 406 денари (околу 788 000 евра) по однос на надоместок за патна такса.
„Т. М. во својство на помошник-директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта, иако имала обврска да го следи уплатениот надоместок и да врши проверка на доставуваните извештаи, односно споредба на наплатените средства со пресметаните надоместоци во извештаите врз основа на кои се исплаќале фактури за провизија за извршена услуга на правното лице, како и да бара навремено наплаќање на пријавениот надоместок од утврдените разлики, истата пропуштила должен надзор и го известувала Д. М. за наплатениот износ на сметката на ЈПДП наместо правното лице од с. Кучевиште да доставува месечни извештаи до нив“,
се наведува во соопштението.

Четириесетгодишниот М. Д., како вработен во друштво за книговодствени услуги во Скопје и кој бил овластен сметководител, во документацијата евидентирал невистинити податоци кои се разликувале од реалната документација од работењето. Воедно, тој поднесувал даночни пријави и во годишните сметки кои не ја прикажувале реалната финансиска состојба на фирмата од Кучевиште.
„Со наведените дејствија лицата се стекнале со имот-парични средства во износ од 138 877 419 денари (2 258 169 евра), а на штета на Буџетот на Р. С. Македонија, односно на штета на Јавното претпријатие за државни патишта износ од 48 434 406 денари, Црвен крст износ од 1 485 926 денари, Министерство за животна средина 5 585 098 денари, Буџет и Комунална такса за Општините износ од 83 371 988 денари“,
информираат од МВР.
Инаку, акцијата била спроведена во текот на вчерашниот и денешниот ден од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР во координација со Единицата за брзо распоредување, а под раководство на Јавното обвинителство за гонење организиран кримимал и корупција (ОЈО за ГОКК)
Според МВР, во претресите што биле извршени на повеќе локации, покрај приведувањето на тројцата осомничени, запленети се 27 735 евра, 38 500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, повеќе телефонски апарати и две патнички моторни возила.
