„Пожарникарите даваат натчовечки напори да ја запрат линијата на огнот која предизвикува најголема загриженост поради опасноста за викендичките што се наоѓаат во подрачјето на пресушената река Лакавица. Таму има некаде околу 100 викендички“, вели Ангелов
Повторно е воспоставена контрола на пожарот кај штипското село Селце што во текот на денот повторно се разгори и се приближи со повеќе викендички, соопшти попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

Иако претходно овој пожар бил ставен под целосна контрола, тој посочи дека поради високите температури и силниот ветер, карактеристичен за ова подрачје, дошло до негово повторно разгорување и губење на контролата.
Поради опасноста од понатамошно ширење на огнот, Ангелов вели дека се ангажирани засилени противпожарни сили, како од професионални противпожарни единици од Источна Македонија, тимови на Дирекцијата, но и пожарникари доброволци.
Во гаснењето се вклучени повеќе противпожарни возила од различни видови, како БТР-возило на ДЗС кое се користи за заштита на блиските викендички.
„Пожарникарите даваат натчовечки напори да ја запрат линијата на огнот која предизвикува најголема загриженост поради опасноста за викендичките што се наоѓаат во подрачјето на пресушената река Лакавица. Таму има некаде околу 100 викендички“,
рече тој.
Засега додаде дека е воспоставена контрола, а на повеќе места се распоредени доволен број пожарникари.

Очекува до вечерва да имаат контрола на делот од пожарот кој ги загрозува викендичките.
„Останува да го ставиме под контрола горниот дел од пожарот кој се движи во насока на планината Серта, каде што секоја година имаме горчливи искуства“,
кажа директорот на ДЗС.
Во гаснењето од воздух се вклучени „ертракторите“ на ДЗС, како и два хеликоптера, од кои еден е полициски, а другиот е армиски.
