Тој упати апел за максимална претпазливост, нагласувајќи дека вегетацијата е сува и доволна е само една искра за да се предизвика катастрофа

Опасноста од пожари во земјава останува исклучително висока и покрај тoa што веќе е септември, а нивниот висок број секојдневно ги исцрпува пожарникарите и сите служби на терен, предупреди денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Само во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 26 пожари на отворен простор, а екипите интервенираат на неколку локации низ државата.
Ангелов вели дека тежок пожар е активен во Општина Струга кај селата Локов и Буринец, каде што гори нискостеблеста шума, грмушки и трња, со ризик да зафати и квалитетна шума. Екипи на „Национални шуми“ се на терен, а Ангелов вели дека се разгледува можноста да се итервенира со хеликоптер, но неговата употреба е лимитирана поради високите дневни температури.
Тој посочи дека доцна синоќа имало драматична ситуација во Општина Боговиње кај селата Урвич и Јеловјане. Огнот се приближил до селото Јеловјане на надморска височина од 1 400 метри. Благодарение на брзата интервенција на тетовските пожарникари и локалното население, огнот бил сопрен на самиот пат и состојбата сега е стабилна.
„Во овој момент состојбата таму е стабилна, огнот е ставен делумно под контрола и не загрозува ниедно населено место, ниту, пак, е зафатена квалитетна шума“,
истакна директорот на ДЗС во пладневната видеоизјава за состојбата со пожарите.
За пожарот во Општина Штип, кај селото Селце, во близина на вештачкото езеро Мантово на планината Серта, што избувна вчера, Ангелов вели дека го гаснат штипските пожарникари и доброволниот огнен тим на ДЗС. Утрово дејствувал и полициски хеликоптер, со чија помош е ставен под контрола еден крак од огнот.
„Очекувам во текот на денот да биде ставен под целосна контрола, а веднаш потоа и целосно изгаснат. Зафатена е претежно ниска вегетација: трева, трње, грмушки и друг тип на ниска вегетација“,
рече Ангелов.
Тој упати апел за максимална претпазливост, нагласувајќи дека вегетацијата е сува и доволна е само една искра за да се предизвика катастрофа.
„И покрај тоа што денес е 1 септември и почнува учебната година, опасноста од пожари сѐ уште не е намалена. Апелирам до граѓаните да бидат исклучително внимателни“,
додаде Ангелов.
