Според извештајот, од речиси 1 700 пожари, 69 биле шумски, додека во 1 627 од случаите гореле сува трева, стрништа, нискостеблеста деградирана шума и ѓубришта, односно депонии
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, апелира до граѓаните да се однесуваат максимално внимателно и одговорно, и доследно да ги почитуваат мерките за заштита од пожари
Вкупно 1 696 пожари на отворен простор биле регистрирани на територијата на државата од 1 јуни до 31 август оваа година, соопшти денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али.

Според извештајот, од речиси 1 700 пожари, 69 биле шумски, додека во 1 627 од случаите гореле сува трева, стрништа, нискостеблеста деградирана шума и ѓубришта, односно депонии.
„Во наведениот период, Центарот за управување со кризи континуирано ја следеше состојбата со пожарите и вршеше координација со надлежните институции и расположливите ресурси, со цел навремено справување со пожарите, спречување на нивното ширење и заштита на населението и материјалните добра“,
вели директорот на ЦУК.
Тој апелира до граѓаните да се однесуваат максимално внимателно и одговорно и доследно да ги почитуваат мерките за заштита од пожари.
Директорот на ЦУК, во таа насока, порачува да не се пали оган на отворен простор, да не се фрлаат отпушоци од цигари и запалив отпад во природата, а секое забележано чадење или пожар веднаш да го пријават на единствениот број за итни случаи – 112.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска предупреди дека опасноста од пожари во земјава останува исклучително висока и покрај тoa што веќе е септември. Вели, нивниот број е висок секој ден, што ги исцрпува пожарникарите и сите служби на терен.
Само во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 26 пожари на отворен простор, а екипите интервенираат на неколку локации низ државата.
Ангелов информира дека тежок пожар е активен во Општина Струга кај селата Локов и Буринец, каде што горат нискостеблеста шума, грмушки и трња, со ризик да зафати и квалитетна шума. Екипи на „Национални шуми“ се на терен, а се разгледува и можноста за интервенција со хеликоптер, но високите дневни температури ја лимитираат неговата употреба.
„И покрај тоа што денес е 1 септември и почнува учебната година, опасноста од пожари сè уште не е намалена. Апелирам до граѓаните да бидат исклучително внимателни“,
рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување.
