Премиерот во одговор на новинарско прашање првин посочи оти не е информиран дека постапката на директорот претставува кривично дело, а потоа додаде дека тоа што Китановиќ го кажал е различно од тоа што е официјален став на Владата во врска со поранешниот генерал на војската на Република Српска и осуден воен злосторник
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави оти смета дека директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците не треба да биде, како што кажа, распнуван, или да се бара кривична одговорст за него, за нешто за кое самиот сфатил дека погрешил, се извинил и го повлекол својот став.

Мицкоски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање дали и покрај извинувањето на директорот на Агенцијата, Далибор Китановиќ, за објавата во која го глорифицира воениот злосторник Ратко Младиќ, сепак, ќе се бара негова кривична одговорност и разрешување.
Премиерот во одговорот првин посочи оти не е информиран дека постапката на директорот претставува кривично дело, а потоа додаде дека тоа што Китановиќ го кажал е различно од тоа што е официјален став на Владата во врска со поранешниот генерал на војската на Република Српска и осуден воен злосторник.
Во тој контекст, Мицкоски се осврна на структурата на Владата, наведувајќи дека таа е и коалициска и демократска и оти сите нејзини чинители треба да се придржуваат до ставовите што се носат во рамките на внатрешната дебата. Секоја поинаква акција, како што посочи премиерот, претставува индивидуален став.
„Владата имаше свое соопштение, Владата е демократска, има своја дебата во рамките на коалицијата и кога ќе се донесе став за одредено прашање, сите чинители на Владата треба тој став да го следат. Нема тука дали некој директор така кажал, дали пратениците во парламентот гласаат, не гласаат, се противат на некој став и сл., ако сме коалициска влада и ако коалициски ги браниме сите позиции – тогаш секоја индивидуална акција е соло акција и индивидуален став и нема никаква врска со ставовите на Владата.
Така што, господинот, како што и самите кажавте, го повлече својот став, се извини и мислам дека сега не треба да распнуваме некој за нешто или да бараме кривична одговорност за нешто за кое самиот сфатил дека погрешил, се извинил и го повлекол својот став“,
изјави Мицкоски, кој денеска беше во посета на ООУ „Ацо Шопов“ во скопската oпштина Бутел по повод почетокот на новата школска година.
Инаку, од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска го обвинија премиерот дека тоа што не побарал оставки и одговорност од министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и od директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, говори дека се согласува со нивните јавно искажани ставови во врска со осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.
Реакциите кај дел од опозициските партии и невладини организации дојдоа откако во петокот, на фејсбук-страницата на Демократската партија на Србите во Македонија беше објавен текст од извесна Татјана Домазет, во кој се глорифицира Ратко Младиќ.
Истиот ден, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, на Инстаграм објави фотокомпозиција, на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, а со големи букви беше напишано: „Генерали на небеската војска“.
Китановиќ, вчера, преку објава на социјалните мрежи соопшти дека избрал спорната содржина и дека му се извнил на премиерот Мицкоски. Тој, негираше дека својата постапка сакал да навреди, понижи или да повреди припадник на кој било народ, вера или етничка заедница и обвини дека против него се повела политичка хајка.
Инаку, претходно викендот, Владата преку соопштение го повика директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците да се повлече од функцијата доколку не се согласува со ставот дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид и воени злосторства.
