Премиерот смета дека тоа не претставува каква било криза

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, смета дека блокадата на носењето закони со Бадентер во Собранието од страна на Демократската унија за интеграција (ДУИ) не може да предизвика предвремени парламентарни избори. Според Мицкоски, нема криза и власта има стабилно мнозинство.
„Не. Не гледам криза. Ние имаме стабилно мнозинство. Не мислам дека тоа претставува каква било криза“,
рече Мицкоски.
Вчера претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите рече дека сите закони за кои е потребно гласање со Бадентер ќе бидат ставени на дневен ред и на гласање, но неизвесно е каков ќе биде исходот поради процедуралната блокада од опозициската ДУИ.
Гаши посочи дека прашањето за законите за кои е потребен Бадентер има повеќе политичка отколку процедурална димензија.
Меѓу законите за кои е потребно вакво гласање се законите за правична застапеност, за високото образование, локалната самоуправа и други.
Во однос на можноста за предвремени парламентарни избори доколку продолжи блокадата, Гаши посочи дека за распуштање на Собранието се потребни 61 пратеник.
