Од старата градска болница „Св. Наум Охридски“, каде што биле префрлени повредените лица, велат дека 19-годишникот е со тешки телесни повреди, додека малолетникот е со телесни повреди и е префрлен на одделение

Деветнаесетгодишниот Б. И. и еден 13-годишник, двајцата од Скопје, се лишени од слобода поради учество во тепачка што се случила синоќа на подрачјето на Општина Чаир.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, настанот бил пријавен откако на 31.08.2026 година, околу 22 часот, дошло до физичка пресметка помеѓу две групи млади лица. Од едната страна биле приведените Б. И. и 13-годишникот, додека од другата страна учествувале И. З. (19), уште еден 13-годишник и 16-годишник, сите жители на Скопје.
За време на тепачката, приведениот 13-годишник употребил нож и им нанел убодни рани на сите три лица од спротивната страна.
Од убодите биле констатирани тешки телесни повреди кај 19-годишниот И. З. и 13-годишникот од втората група, додека телесна повреда му е нанесена на 16-годишникот.
Полициски екипи веднаш извршиле увид на местото на настанот. Како доказен материјал за понатамошната постапка, привремено се одземени три ножа, еден пендрек, како и други предмети поврзани со инцидентот.
Од полицијата наведуваат дека по целосното документирање на случајот до Основното јавно обвинителство Скопје ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Од старата градска болница „Св. Наум Охридски“, каде што биле префрлени повредените лица, велат дека 19-годишникот е со тешки телесни повреди, додека малолетникот е со телесни повреди и е префрлен на одделение.
„Стабилни се двајцата. Еден е веќе префлен на одделение, а 19-годишниот е на одделот за интензивна нега и има повреди во граден кош и на раце“,
вели директорот Небојша Настов.
