Дали ќе има стабилизација и евентуално завршување на епидемијата треба да покажат податоците за изминатата седмица, почнувајќи од 24 август. Во оваа недела има вкупно пет хоспитализирани пациенти од кои тројца со потврдена и два со непотвредено присуство на вирусот западен нил. Според Клековски, бројките од минатата недела говорат дека хоспитализациите се намалени во споредба со претходните три недели кога се движеле меѓу 9 и 11 пациенти
Угинатиот гавран е лоциран на територијата на Општина Карпош, поточно кај Драмскиот театар
Од почетокот на епидемијата во земјава заклучно со денешниот ден се регистрирани 55 случаи на заболени од западнонислка треска, од кои 53 лица се лабораториски потврдени, додека останатите двајца се водат како суспектни.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, додавајќи дека од 53 случаи само еден не бил хоспитализиран, додека сите останати биле задржани во болница на лекување.
Станува број за вкупен број на регистрирани заболени во земјава во текот на оваа година и од прогласувањето на епидемијата. Инаку, како што информира ресорниот министер на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, во моментов се хоспитализирани 19 пациенти, од кои кај 17 е потврдена болеста западен нил, а другите двајца сè уште се водат како сомнителни.
Клековски во обраќањето до медиумите сподели и статистички податоци во однос на движењето на состојбата со западнонилската треска, во однос на полот на пациентите, стапката на смртност, траењето на лекувањето и очекувањата за натамошниот тек на ситуацијата. Министерот притоа напомена овие податоци да се земат со резерва, бидејќи бројките во податоците се разликуваат поради различниот временски пресек. Пресеците, како што наведе, во податоците варираат во часови.
Статистика
„Значи смртноста досега е 11,5 проценти, просечното траење на лекувањето е 14 дена за тие кај што лекувањето е завршено. Најдолгото лекувањето трае 29 дена, додека најкраткиот испис е осум дена“,
наведе Клековски.
Врвот на оптовареноста на Клиниката за инфективни болести бил на 12 август, кога имало 24 хоспитализирани случаи, а според статистичкиот пресек, бројот на хоспитализации е 18.
Кога станува збор за полот на хоспитализираните пациенти, соодносот меѓу мажите и жените е 3,7 спрема 1, што значи дека речиси четири пати повеќе мажи биле задржани на болничко лекување од жени.
Сите досега починати од западнонилска треска, како што посочи министерот, се мажи.
Првата хоспитализација била во мај, во дваесеттата недела од годината, а потоа неколку недели немало пријавено ниту еден случај.
„Потоа регистриран е случај во 27. недела, која започнува на 29 јуни и растот започнува во 29. недела на 13 јули. На 18 јули, Институтот за јавно здравје го издаде извештајот врз основа на кој се констатира овој раст и започнаа да се спроведуваат мерките. Во основа најмногу хоспитализации имаме во периодот од 3 август до 24 август. Значи тука се мнозинството на хоспитализации“,
рече Клековски.
Дали ќе има стабилизација и евентуално завршување на епидемијата треба да покажат податоците за изминатата седмица, почнувајќи од 24 август.
Во оваа недела, според министерот, има вкупно пет хоспитализирани пациенти, од кои тројца со потврдена и дваjca со непотврдено присуство на вирусот западен нил. Според Клековски, бројките од минатата говорат дека хоспитализациите се намалени во споредба со претходните три недели кога се движелe меѓу 9 и 11 пациенти.
Повеќе пациенти од северните и североисточните делови на Скопје
Дополнителна промена во однос на епидемиолошката слика, како што информира министерот, е што поголем број пациенти сега има од северните и североисточните делови на Скопје, за разлика од претходно кога тие претежно беа од јужните делови на главниот град.
„Тоа го комуницираме со Град Скопје и со општините за преземање на соодветни мерки во тој правец“,
рече Клековски.
Фокусот на угинати птици се сели во внатрешноста
Тој информира дека е регистрирана уште една, трета угината птица, кај која е потврден вирусот западен нил.

Станува збор за гавран кој е лоциран на територијата на Општина Карпош, поточно кај Драмскиот театар.
Клековски апелира до граѓаните да не пријавуваат одамна угинати, изедени и распаднати птици бидејќи на нив не можат да се извршат тестирања. Посочи фокусот на пријавување да бидат гаврани, а напомена дека тој од Скопје сега ќе биде пренасочен кон внатрешноста, бидејќи состојбата во главниот град отприлика е позната. Според министерот, наодите од внатрешноста на државата ќе бидат епидемиолошки поважни отколку наодите во Скопје.
Цана: Тројца пациенти се екстубирани и се подобро
Одговарајќи на новинарско прашање, директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана, рече дека тројца од пет пациенти на одделот за интензивно лекување се екстубурани, односно се тргнати од респираторна поддршка и кај нив е подобрена клиничката слика.
„Така што во моментов на респиратор остануваат двајца пациенти кои се во изразено тешка состојба“,
рече Цана.
Останатите 14 од вкупно 19 хоспитализрани на Клиниката, како што додаде тој, се во добра здравствена состојба.
Цана, исто така во одговор на новинарско прашање, рече дека пациентите со потешка клиничка слика се повозрасни, односно сите се над 60 години.
Надоврзувајќи се на Цана, министерот Клековски посочи дека просечната возраст на хоспитализираните пациенти е 66 години.
Од хоспитализраните досега 28 се оздравени и се пуштени дома, беше кажано на прес-конференцијата.
