Порака имаше и до родителите – да се грижат за нивното воспитување зашто нивната љубов и внимание, рече, се највредното нешто што може да им го дадат на своите деца и оти топол и мирен дом значи и безгрижни деца кои имаат вистински вредности

Учете и изберете да бидете пријатели со другите деца. Навредите, погрдните зброви и насилството не значат дека сте јаки, напротив – тие се знак на слабост. Ова се дел од пораките што министерката за образование и наука Весна Јаневска ги упати до учениците на првиот училиштен ден при нејзината посета на ООУ „Киро Глигоров“ во скопската Општина Центар.
Првиот училиштен ден таа посебно им го честита на првачињата и на нивните родители и наставници, со желби најмалите ученици да имаат успех во учењето, да се описменат, многу да се дружат, да бидат многу љубопитни и да прашуваат, да размислуваат и да го кажуваат своето мислење.
„Им пожелувам вредна работа на учениците. Но, им посакувам и нешто друго – сè што прават, заеднички и мирно да прават. На сите ученици им посакувам мирна училишна средина, во која нема да има карања и тепачки“,
рече Јаневска.
Успешна учебна година таа им посака и на учениците од погорните одделенија со порака да докажат дека се поодговорни и позрели, да бидат пример за помалите, повикувајќи на толеранција и емпатичност.
„Учете, многу учете, затоа што знењето е најголемата сила што може да ја добиете, тоа богатство никој не може да ви го одземе и со него можете да направите многу добри работи и да си ги остварите желбите. Сè што треба е да верувате во себе и секој ден да учите“,
истакна Јаневска.
Порака имаше и до родителите – да се грижат за нивното воспитување зашто нивната љубов и внимание, рече, се највредното нешто што може да им го дадат на своите деца и дека топол и мирен дом значи и безгрижни деца кои имаат вистински вредности.
На наставниците, пак, Јаневска им порача да се грижат за нивното образование, но, дека „она што е најважно е да ги направат мислечки и слободни граѓани кои во иднина ќе бидат успешни луѓе“.
Денеска започна новата учебна година за 238 илјади ученици, од кои 174 илјади основци и 64 илјади средношколци.
Во Министерството за образование и наука се пристигнати податоци за запишани 14 952 првачиња и за 16 932 ученици во прва година средно.
