Претседателката ги повика првачињата да се натпреваруваат не само за оценки, туку, пред сè, за знаење и успех, да развиваат критичко размислување, но и другарства со соучениците и наставниците
Колку повеќе знаете, толку повеќе ќе разбирате, толку ќе бидете потолерантни и посамостојни. Затоа инвестирајте во себе. Учете. Нема подобар пријател од книгата“. Ова, меѓу другото, беше пораката што претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова им ја упати на првачињата, посакувајќи им успешен почеток на школувањето.

Пораката претседателката ја упати од Охрид, каде заедно со градоначалникот на Општината, Кирил Пецаков, присуствуваа на првиот училиштен час на првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“, со што во градот беше одбележан почетокот на новата учебна година.
Во своето обраќање до децата кои по првпат седнуваат во училишните клупи, Сиљановска-Давкова ги повика да учат, да бидат љубопитни и да поставуваат прашања. Во тој контекст, таа нагласи дека знаењето ќе им помогне да бидат посамостојни и да имаат поголемо разбирање за светот околу себе.
Претседателката ги повика првачињата да се натпреваруваат не само за оценки, туку, пред сè, за знаење и успех, да развиваат критичко размислување, но и другарства со соучениците и наставниците.
„Бегајте од насилството. Бидете другари со наставниците и развивајте другарство со учениците“,
рече претседателката на државата.

Сиљановска-Давкова, која е родена во Охрид, сподели дека и самата сакала да се врати во детството и да се запише во училиште со таков амбиент и резултати.
Таа во обраќањето се осврна и на учителската професија, за која рече дека е најблагородната работа.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во својата порака до најмладите ученици рече дека првиот училиштен ден е посебен момент и дека во училиште, покрај читањето и пишувањето, ќе научат колку се важни и другарувањето, почитувањето и меѓусебната помош.
„Бидете љубопитни, вредни и насмеани и уживајте во секој училиштен ден“,
рече Пецаков, пренесе МИА.

Тој на родителите им порача да им бидат поддршка на децата во нивното образование, а на наставниците да продолжат посветено да им го пренесуваат знаењето и да придонесуваат за нивниот воспитен и образовен развој.
Во рамките на свечениот прием беше подготвена и пригодна програма за најмладите, со која беше одбележан нивниот прв училиштен ден.
На сите ученици од Охрид им беа упатени желби за успешна, исполнета и среќна учебна година, со многу знаење, нови другарства и убави училишни спомени.
Според податоците на Министерството за образование и наука (МОН), годинава во земјава се запишани 14 952 првачиња.
