Од УХМР најавуваат дека и во наредните денови времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност

Сончево и топло време со мала до умерена локална облачност, најавуваат метеоролозите за денеска. Во прогнозата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), се вели дека во одредени делови од земјата ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во текот на денот ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Утринската температура ќе биде од 14 до 21 Целзиусов степен, а дневната ќе се движи од 31 до 37 степени.
И во Скопје, денеска, се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Според најавата, ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 37 Целзиусови степени.
Од УХМР најавуваат дека и во наредните денови времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во попладневните часови ќе има услови за локална нестабилност, што ќе биде поизразена во среда и четврток, кога процесите ќе бидат во форма на невреме со засилен ветер, пороен дожд, грмежи и услови за појава на град. Во петок и за време на викендот, ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Температурата ќе биде до 38 степени.
