Исто така, препорачуваат и член 17 од законот јасно да се дефинира на кој друг начин, освен со објавување на веб-страницата, политичките партии ќе ги прават достапни до јавноста регистрите на донации

Одредбите од Законот за финансирање на политичките партии, кој ги уредуваат распределбата на државните пари и висината на членарините, треба да се преиспитаат бидејќи постојат коруптивни регулаторни ризици поврзани со нив. Ова го заклучиле членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница по извршената проверка и дале препораки за надминување на ризиците.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, на седницата посочи дека проверката била направена по иницијатива на Комисијата и согласно антикорупцискиот план за проверка на легислативата за 2026 година.
Од ДКСК предлагаат да се преиспита член 10 од Законот со кој се уредува начинот на распределба на средствата за финансирање на политичките партии кои се обезбедуваат од буџетот на државата.
Според Комисијата, оправдано е прашањето дали ваквата распределба е пропорционална и дали на овој начин се овозможени фер и еднакви можности на сите учесници, а со цел почитување на начелото на еднаквост.
„Дополнително, средствата за финансирање на политичките партии се обезбедуваат од државата, тие се јавни извори на средства кои континуирано се зголемуваат и затоа потребно е да се преиспита оваа законска одредба, дали е целисходна, соодветна и правична, и дали се остварува целта за која е пропишана“,
вели Чучуљ.
Од ДКСК предлагаат да се дополни и уреди и членот 14 со кој се уредува членарината што ја плаќаат членовите на политичките партии бидејќи во одредбата отсуствува превентивен механизам и доколку се надмине утврдената висина на членарината не се пропишани санкции во прекршочните одредби на овој Закон.
Комисијата смета дека треба во член 16 од Законот за финансирање на политичките партии, со кој е пропишан вкупниот износ на поединечна донација на физичките и правни лица кои се јавуваат како донатори на политичките партии, да се уредат сите неопходни аспекти, да се отстрани правната празнина и да се усогласи овој член со одредбите од изборниот законик.
Исто така, препорачуваат и член 17 од законот јасно да се дефинира на кој друг начин, освен со објавување на веб-страницата, политичките партии ќе ги прават достапни до јавноста регистрите на донации. Сметаат дека не е јасно на кој друг соодветен начин може да се направи достапен за јавноста регистарот за донации што дава можност за субјективно толкување, а различното толкување може негативно да влијае при примената на одредбата во пракса и да го намали ризикот од одговорност за повредата на овие одредби.
„Ова посебно се однесува за политички субјекти кои немаат свои веб-страници“,
нагласи Чучуљ.
Антикорупционерите препорачуваат и политичките партии да имаат обврска да поднесат годишна сметка за финансиското работење и до ДКСК и затоа препорачуваат ова да се наведе во членот 26, став 7. Со тоа сметаат дека одредбата ќе се усогласи со Законот за спречување корупција и судир на интереси.
