Новите напади на САД врз Иран доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на јули ја паузираше обвновената кампања врз Техеран по неуспехот на преговорите околу меморандумот за ставање крај на непријателствата меѓу двете земји
Иран и Соединетите Американски Држави повторно разменија оган, откако американскит сили нападнаа два ракетни лансери на островот Ларак во Ормускиот Теснец, јавуваат светските медиуми.

Станува збор за први американски напади врз Иран по оние од крајот на јули, во кои, според Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), две лица загинале, а други две се повредени, објави Би-би-си.
Моќниот Корпус на иранската Исламска револуционерна гарда вети одговор и одмазда за нападите, соопштувајќи дека нејзните сили собориле американски дрон над Ормускиот Теснец.
Од Централната команда на воените сили на САД, пак, соопштија дека презеле „ограничена, прецизна акција“ против иранските сили за поставување мини, кои, како што наведуваат оттаму, претставуваат непосредна закана во Ормускиот Теснец.
Иран одговори со напад врз американски бази во Јордан, чија армија пресретнала осум ракети рано утрово лансирани кон територијата на земјата, соопштија тамошните државни медиуми.
Новите напади на САД врз Иран доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на јули ја паузираше обновената кампања врз Техеран по неуспехот на преговорите околу меморандумот за ставање крај на непријателствата меѓу двете земји. Островот Ларак, кој бил цел на американските напади, се наоѓа во непосредна близина на клучното пристаниште Бандар Абас во Ормускиот Теснец, витален воден пат за глобалниот превоз на нафта, нафтени деривати и други производи од Блискиот Исток.
Според информациите, Иран во моментов го пропушта танкерскиот сообраќај покрај островот. Сепак, дел од извештаите, според Би-би-си, велат дека иранските власти претходно вршат проверки и наводно ги принудуваат бродовите да плаќаат такси и до два милиони долари за премин на теснецот.
Портпаролот на ИРГЦ, Хосеин Мохеби, нападот на САД го оцени како стратешка и фатална грешка на, како што наведе, режимот на американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека „непријателот ќе плати за последиците од оваа погрешна пресметка“ и во економска и во воена смисла.
„Ние не бараме војна, но ќе им дадеме решителен одговор на агресорите“,
изјавил иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во изјава цитирана од државната телевизија, што ја пренесува новинската агенција АФП.
Неколку часа подоцна, иранските медиуми објавија соопштение од ИРГЦ во кое се вели дека ги нападнале американските бази во Јордан со балистички ракети како одговор на нападот на островот Ларак.

ИРГЦ соопшти дека во нападите била предизвикана голема штета и дека нивна цел биле техничка инфраструктура, објекти за одржување и позиции на непријателски борбени авиони.
Претседателот на Соединетите Држави, минатата недела изјави дека сите мини поставени во Ормускиот Теснец од страна на Иран како дел од стратегијата на Техеран за блокирање на рутата биле детонирани или отстранети. Тој рече дека Иран бил предупреден дека секој нивен брод што поставува нови мини ќе биде уништен.
Инаку, Иран во меѓувреме се соочува со нов економски притисок откако Вашингтон на 24 август објави дека воведува нови санкции кон Техеран со цел понатамошно изолирање на земјата, како и проширување на секундарните санкции против нејзините сојузници.
САД и Израел започнаа обемни напади врз Иран на 28 февруари, на што Техеран одговори со удари врз Израел, американските бази во сојузничките држави во Заливот, како и ефикасно затворање на Ормускиот Теснец, низ кој пред почетокот на војната поминуваше речиси една петтина од светската нафта и течен природен гас.
