На прашањето дали Исланд треба повторно да ги отвори преговорите за пристапување кон Европската Унија, 52,8 отсто од гласачите одговориле „не“, додека 47,2 отсто биле за продолжување на преговорите, покажуваат официјалните резултати од вчерашниот референдум
Едно од клучните прашања во пресрет на референдумот беше рибарството кое чини околу 40 отсто од вредноста на исландскиот стоков извоз и е важен дел од националниот идентитет. Да победеше опцијата „да“, Исланд ќе ги продолжеше преговорите со Унијата, пред сè за рибарството

Исланѓаните го одбија предлогот за продолжување на преговорите за пристапување кон Европската Унија, покажаа конечните резултати од референдумот одржан во саботата.
На прашањето дали Исланд треба повторно да ги отвори преговорите за пристапување кон Европската Унија, 52,8 отсто од гласачите одговориле „не“, додека 47,2 отсто биле за продолжување на преговорите, покажуваат официјалните резултати. Ваквиот исход значи дека прашањето за членство во Унијата на Исланд нема повторно да се разгледува до 2028 година.
Таа развиена островска држава со речиси 400 илјади жители поднесе барање за членство во 2009 година, по финансиската криза што тешко го погоди нејзиното стопанство. Преговорите беа замрзнати во 2013 година со доаѓањето на власт на евроскептичната влада.
Исланд и денес е цврсто поврзан со Европската Унија. Тој е дел од единствениот европски пазар, како и од шенген зоната. Со влезот во ЕУ би се приклучил и кон царинската унија, а најпосле би го вовел и еврото.
Во контекст на сè поголемите меѓународни тензии, актуелната влада предводена од 38-годишната социјалдемократка Криструн Фростадотир сакаше да провери како граѓаните гледаат на идејата за подлабока интеграција со Европската Унија.
Исланѓаните поделени околу ЕУ
На референдумот се соочија двагледишта. Едните во членството гледаа поголема економска и безбедносна заштита, особено во време на сè поголемо надметнување на големите сили на Арктикот, додека другите се плашеа дека членството би ја загрозило контролата врз вредните риболовни подрачја.
„Се обидував да најдам решение за проблемите со кои се соочуваме – банките, цените на становите и сè друго. Мислев дека едно од решенијата можеби би било воведувањето на еврото. Но ме загрижува земјоделството и она од што живееме. Затоа сум задоволен од овој резултат“,
изјави жител на главниот град Рејкјавик.
Од друга страна, дел од гласачите сметаат дека Исланд пропуштил можност за посилно поврзување со Европа.
„Малку сум тажна поради исходот. Мислам дека пропуштивме одлична можност барем да видиме каков би можел да биде договорот и за тоа да разговараме. Мислам дека, со оглед на состојбата во светот, ни е потребно некакво сојузништво. Би се чувствувала побезбедно доколку имаме поцврсти врски со Европа“,
рече жителка на Рејкјавик.
Премиерката Фростадотир, која гласаше за продолжување на преговорите, по објавувањето на резултатите истакна дека дел од гласачите не гласале против преговорите затоа што се противат на Европа, туку затоа што се задоволни од постојните односи.
„Големата порака за мене, но и за владата, е дека луѓето се задоволни од Спогодбата за европскиот економски простор. Задоволни се и од сегашните односи со Европската Унија. Знам дека голем дел од оние кои на овој референдум гласаа против го сторија тоа токму затоа што се задоволни од сегашниот однос со Европската Унија“,
изјави таа.
Рибарството пресудно за исландското „не“
Едно од клучните прашања во пресрет на референдумот беше рибарството кое чини околу 40 отсто од вредноста на исландскиот стоков извоз и е важен дел од националниот идентитет. Да победеше опцијата „да“, Исланд ќе ги продолжеше преговорите со Унијата, пред сè за рибарството.
Брисел притоа беше подготвен да покаже флексибилност и да најде решенија кои би ги зеле предвид специфичностите на исландскиот рибарски сектор.
Ставовите на гласачите за тоа беа поделени.
„Нема да им дозволиме тука да ловат. Нека ловат во своите води, а ние во нашите. Ние ја ловиме рибата, а тие ја купуваат“,
рече еден од гласачите.
Друг, пак, референдумот го набљудуваше низ поширок геополитички контекст.
„Ако Трамп сака да нè земе, ќе го направи тоа дури и ако сме во Европската Унија. Тоа ништо не би променило,“
наведе тој.
Прашањето за членство во ЕУ на чекање до 2028 година
Приближувањето на Исланд кон Европската Унија имаше и безбедносна димензија. Поради војната во Украина, сè поголемото надметнување на големите сили и интересот на Доналд Трамп за Гренланд, прашањето за положбата на Исланд во Европа и на Арктикот доби дополнителна тежина.
„Мислам дека на ова ќе се гледа како на пропуштена можност, пред сè за Исланд, но секако и за Европската Унија. Јасно е дека Европската Унија не успеа да се претстави врз основа на ништо друго освен економијата. Безбедносната димензија – кој е Доналд Трамп, што би можел да направи, каква е иднината на НАТО итн. очигледно не одекна доволно меѓу Исланѓаните“,
оцени Јакоб Функ Киркегард, виш соработник во институтот „Бригел“.
Референдумот формално имаше советодавен карактер, но владата се обврза да го почитува неговиот исход до крајот на мандатот.
Премиерката Фростадотир веќе најави дека во случај на одбивање на продолжувањето на преговорите нема повторно да го покренува прашањето за членство до крајот на мандатот во 2028 година.
Владата исто така најави дека до парламентот ќе упати прашање за можно формално повлекување на кандидатурата на Исланд за членство во Европската Унија.
За Европската Унија пристапувањето на Исланд би претставувало позитивен импулс за политиката на проширување и би ѝ овозможило зајакнување на присуството на Арктикот.
Но, по овој референдум, за исландското членство во Унијата засега нема повторно да се преговара.
