Исчезната жена, според ЦУК, е пронајдена денеска во 14:50 часот во селото Горна Лешница и се наоѓа во добра здравствена состојба
Пронајдена е 37-годишната бугарска државјанка која синоќа беше пријавена за исчезната на Шар Планина, информираат попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Исчезната жена, според ЦУК, е пронајдена денеска во 14:50 часот во селото Горна Лешница и се наоѓа во добра здравствена состојба.
Во описот за случајот од ЦУК, велат дека таа била дел од група од четири странски државјани што вчера се упатиле кон Титов Врв.
„Трите лица од групата се вратиле во вечерните часови, при што констатирале дека таа не се вратила со нив и дека немаат информации за нејзината локација. По пријавувањето, веднаш почнала потрагата по неа“,
се вели во соопштението за настанот.
Во потрагата биле вклучени припадници на Специјалните единици од Скопје, од Полициската станица „Попова Шапка“, ЈУНП „Шар Планина“, од Дирекцијата за заштита и спасување – Подрачно одделение Тетово.
„Беа употребени и два дрона со термални камери, а во потрагата се вклучија и полициски хелокоптер ‘бел 212‘ и спасувачки тим од САЕ ‘Тигар‘“,
додаваат оттаму.
Со цел побрзо пронаоѓање на исчезнатата, ЦУК во текот на целата акција ја координираше потрагата со надлежните институции и екипи на терен.
