Оттаму додаваат дека нема да дозволат истиот модел на евентуално изигрување на законот да биде применет и за најавениот Еуроњуз (Euronews) Македонија, односно и тој да биде третиран како странски сервис, како што е тоа случај со каналите Арена премиум. Според членките на ММА и јавниот сервис, такви најави има од сопствениците на каналите и, како што велат, од структури од Белград
Членките на ММА и јавниот сервис најавуваат дека ќе достават соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и МВР за да се испита, како што наведуваат, постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во ААВМУ
Националните радиодифузери членки на Македонската медиумска асоцијација (ММА) и јавниот сервис МРТ тврдат оти постојат индиции дека неколку телевизиски сервиси работат незаконски во државата, а Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски содржини (ААВМУ) на, како што велат, „волшебен начин“ ги третира како странски програмски сервиси.

Во заедничкото соопштениетие, од ММА и од МРТ наведуваат дека новите телевизиски сервиси се креирани од српски, блиски до државата, компании со чие работење се заобиколуваат и злоупотребуваат македонските закони.
„ММА и МРТ имаат материјални докази дека спортските канали Arena M1, M2 и M3 Premium подолг период работат без домашна дозвола а нашиот регулатор АВМУ на волшебен начин ги третира како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во Македонија, иако продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат тука, а програмата се емитува на македонски јазик“,
се вели во соопштението.
Дополнително, велат од ММА и од јавниот сервис, во евиденцијата на српскиот регулатор за електронски медиуми (РЕМ), каналите Арена М1, М2 и М3 премиум (Arena M1, M2 и M3 Premium) не постојат, што значи не се домицилни, српски канали.
Истовремено, пак, во операторските евиденции од ААВМУ, овие канали се водат како странски сервиси кои емитуваат програма на спрски јазик.
Поради ова, од ММА и МРТ бараат истражните органи, како други референтни институции да утврдат дали со ваквото постапување е заобиколена законската обврска за дозвола, дали е причинета штета на буџетот со неплаќање лиценца и дали постои одговорност кај сопствениците, одговорните лица на ТВ-сервисите, како и кај службениците на ААВМУ.
„Бараме да се провери и евентуалното неовластено користење на премиум спортски ТВ-права позната како ТВ-пиратерија. За жал, долгогодишното незаконско реемитување на одредени канали од регионот како што се Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ) и Србија, бараме конечно да влезе во радарот на македонскиот регулатор“,
се вели во заедничкото соопштение на ММА и МРТ.
Оттаму додваат дека нема да дозволат истиот модел на евентуално изигрување на законот да биде применет и за најавениот Еуроњуз (Euronews) Македонија, односно и тој да биде третиран како странски сервис, како што е тоа случај со Арена премиум каналите. Според членките на ММА и јавниот сервис, такви најави има од сопствениците на каналите и, како што велат, од структури од Белград.
„Беззаконието кое денес се толерира како исклучок, утре може да стане правило“,
велат од ММА и МРТ.
Оттаму најавуваат дека ќе поднесат соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, за да се испита, како што наведуваат, постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
