„Засегнатите деца често доживувале срам, губење контрола, тешкотии со дишењето, стрес, анксиозност. Иако 88 отсто од децата ја октирле злоупотребата некому, пријавувањето до формалните служби било исклучително ретко: само еден отсто пријавиле во полиција, еден отсто во центри за социјална работа, а 0,2 отсто контактирале линија за помош“, покажуваат резултатите од истражувањето
Според претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, штетата е сериозна, децата погодени од овој облик на злоупотреба имаат многу поголема веројатност да доживеат анксиозност, самоповредување и самоубиствени мисли и однесување

Од едно од 10 деца на возраст од 12 до 17 години во период од една година во државата било изложено на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата. На национално ниво тоа претставува 12 000 деца, покажува извештајот од резултатите од истражувањето „Disrupting Harm“ што денеска беше презентиран.
Од нив, 48 отсто биле изложени на повеќе од една форма на злоупотреба или експлоатација.
Според податоците, во 78 отсто од случаите сторителот бил лице познато на детето, а само во пет отсто од случаите сторителот бил непознат за детето. Во случаите, еднакво се засегнати и момчињата и девојчињата.
Истражувањето покажува дека во 57 отсто од случаите сторителите биле возрасни лица, наспроти 22 отсто во кои биле вклучени врсници.
Во 39 отсто од случаите бил вклучен сегашен или поранешен интимен партнер или лице кон кое детето чувствувало симпатии, а во 27 отсто бил вклучен член на семејството.
Во 52 отсто од случаите биле вклучени платформи на социјалните медиуми, а 30 отсто се случиле преку платформи за онлајн игри. Најчесто пријавувани платформи биле Инстаграм – 76 отсто, Снепчет – 55 отсто, Тик-ток – 51 отсто, Ватсап – 40 отсто, Фејсбук – 34 отсто, Јутјуб – 29 отсто и Икс – 21 отсто.
Најчеста форма е изложувањето на децата на сексуална содржина без нивна согласност, а друга форма вклучувала барања децата да споделат фотографии или видеа на кои се прикажани нивните интимни делови.
Децата изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата имале 11 пати поголема веројатност да се самоповредат и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли и однесувања и доживуваат значително повисоки нивоа на анксиозност.
„Засегнатите деца често доживувале срам, губење контрола, тешкотии со дишењето, стрес, анксиозност. Иако 88 отсто од децата ја октирле злоупотребата некому, пријавувањето до формалните служби било исклучително ретко: само еден отсто пријавиле во полиција, еден отсто во центри за социјална работа, а 0,2 отсто контактирале линија за помош“,
покажуваат резултатите од истражувањето.
Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени на презентацијата на извештајот рече дека тој е важен чекор во заедничката заложба да ги разберат и адресираат ризиците што ги носи дигиталната средина за најранливите, за децата.
Извештајот, посочи тој, ни помага да ја согледаме реалната состојба во општеството, како се однесуваат младите онлајн, кои ризици се најчести и каде институциите треба да интервенираат поефикасно.
Додаде дека МВР продолжува да ги унапредува капацитетите на полицијата и на службите за заштита, да ги зајакнува механизмите за координација со образовните и социјалните служби и да поддржува програми за едукација и дигитална писменост.
Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, рече дека поддржан од „Safe Online“ и заеднички имплементиран од ECPAT International, ИНТЕРПОЛ и УНИЦЕФ, извештајот ги спојува гласовите и животните искуства на децата со докази од домаќинства и професионалци што работат во областа на заштитата на децата, образованието, спроведувањето на законот и правдата.
Таа посочи дека наодите се многу застрашувачки и повикуваат на итна, одлучна и координарана акција од страна на граѓанското општество, институциите, приватниот сектор и заедниците.
„За жал, наодите се длабоко загрижувачки откривајќи криза во заштитата на децата во дигиталната доба. Тие исто така потврдуваат дека ова не е само онлајн проблем: тој е вкоренет во секојдневните средини на децата – честопати движејќи се помеѓу дигиталните и физичките простори“,
рече таа.
Според Милер, од децата не може и не треба да се очекува да се заштитат од злоупотреба. Таа смета дека одговорноста е кај возрасните кои треба да спречат штета, ефикасно да реагираат и да создадат безбедни средини за децата – и офлајн и онлајн.
Наодите од ова истражување, додава таа, бараат колективно внимание бидејќи ова е скриена криза.
„Јазот меѓу преваленцијата и пријавувањето покажува дека повеќето случаи остануваат невидливи за формалните системи“,
рече Милер.

Според неа, штетата е сериозна, децата погодени од овој облик на злоупотреба имаат многу поголема веројатност да доживеат анксиозност, самоповредување и самоубиствени мисли и однесување.
Додава дека срамот, стигмата, стравот од обвинување и заканите од сторителите ги спречуваат децата да бараат поддршка.
„Координиран одговор на Владата е од суштинско значење. Ниедно министерство не може само да се справи со овој предизвик. Заштитата на децата онлајн и офлајн бара активности во образованието, правдата, здравството, социјалните услуги, спроведувањето на законот и дигиталното управување. Зад секоја статистика во овој извештај стои дете чија доверба е нарушена, чија безбедност е компромитирана и чија благосостојба е во опасност. Додека повеќето деца ги споделуваат своите искуства со оние што им се најблиски, многу малку добиваат заштита, поддршка и правда, кои им се потребни“,
додаде Милер.
