Министерот Филипче на денешната прес-конференција не даде поконкретен одговор за тоа дали по изборите може да се очекува зголемување на бројката на заразени со ковид-19 и дали во септември ќе почнат со работа градинките и училиштата
Комисијата за заразни болести чека информации од здравствените власти во Србија и Косово за епидемиолошката ситуација во двете земји, по што би излегле со евентуални препораки во однос на границите, информира министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
„Можно да препорачаме мерки ако утврдиме дека влезот на граѓани од околните држави може да ја загрози здравствената ситуација во земјава. Со претставници на здравствените институции, но и со наши колеги кои работата на терен разговаравме за ситуацијата со ковид-19 во Србија и Косово. Чекаме информации од повеќе градови, посебно во јужниот дел, по што ќе се расправа дали треба да се препорачаат мерки во врска со границите“,
рече Филипче посочувајќи дека на оваа тема се расправало и на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести.
Министерот за здравство рече дека есента, според повеќето проценки, може да биде мошне ризичен период за здравствената ситуација, не само во земјава туку во повеќето држави. И за можните ризици од изборната кампања, која е во тек, Филипче рече дека не треба да се споредуваме со други земји каде што имаше избори во овој период, затоа што Северна Македонија презема друг пристап во однос на епидемијата.
„Ние имавме многу ран пристап на широко тестирање и преземавме мерки какви што други земји преземаа подоцна од нас, како на пример, за носењето заштитни маски. Останува граѓаните да се придржуваат до препораките. Во следниот период не очекувам изненадувања. Спремни сме со сите капацитети, затоа што проценките се дека есенските месеци ќе бидат голем ризик за влошување на ситуацијата. Со отворање на градинки и училишта и со зголемена комуникација меѓу младите луѓе. Секое групирање е дополнителен ризик, така што можеби ќе бидат потребни дополнителни мерки за рестрикција на движењето“,
изјави Филипче, без да даде поконкретен одговор дали по изборите може да се очекува зголемување на бројката на заразени со ковид-19 и дали во септември ќе почнат со работа градинките и училиштата.