Портпаролката на болницата, д-р Анеза Џалил, за весникот „Даун“ изјавила дека во моментот на избувнувањето на огнот на одделот имало 15 бебиња и дека едно било спасено од лекар. Како што пренесуваат медиумите, жените кои штотуку се породиле во болницата биле принудени да трчаат низ скалите за да се евакуираат, пишува „Гардијан“
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, изразувајќи длабока тага и жалење за случајот, соопшти дека им наложил на надлежните органи да спроведат итна истрага за инцидентот, кој е еден од најсмртоносните пожари што се случиле во болница во последните години
Најмалку 14 новороденчиња загинаа во пожар што избувнал во породилното одделение во една од најфреквентните државни болници во главниот град на Пакистан, Исламабад, јавуваат светските медиуми.

Според новинските извештаи, пожарот започнал денеска во раните утрински часови според локално време зафаќајќи го одделението во Пакистанскиот институт за медицински науки, најголемата државна болница во Исламабад.
Од администрацијата на болницата, преку соопштение, потврдиле дека 14 новороденчиња загинале во пожарот, објави британски „Гардијан“.
Портпаролката на болницата, д-р Анеза Џалил, за весникот „Даун“ изјавила дека во моментот на избувнувањето на огнот на одделот имало 15 бебиња и дека едно било спасено од лекар. Како што пренесуваат медиумите, жените кои штотуку се породиле во болница биле принудени да трчаат низ скалите за да се евакуираат.
Министерот за здравство на Пакистан, Мустафа Камал, изјавил дека голем број од бебињата биле во инкубатори или на кислородна поддршка. Токму боците со кислород, како што навел тој, ја влошиле ситуацијата и придонеле огнот брзо да се прошири во одделот на болницата.
Камал посочил дека пожарот најверојатно бил предизвикан од дефект во системот за климатизација, но истражителите сè уште се на местото на настанот и засега нема официјална потврда од властите за причините за избувнувањето на огнот.
Инаку, како што пишува „Гардијан“, во болницата во тек биле поправки и градежни работи на објектот.
Главниот комесар на полицијата во Исламабад, Сохаил Ашраф, за локалните медиуми изјавил дека пријавата на пожарот стигнала нешто пред 7 часот, според локално (4 часот според средноевропско) време, а спасувачките и полициските екипи за кратко време стигнале на местото на настанот.
„Пожарот веднаш бил ставен под контрола, а децата веднаш биле префрлени на одделението за интензивна нега“,
се наведува во соопштението од болницата.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, изразувајќи длабока тага и жалење за случајот, соопшти дека им наложил на надлежните органи да спроведат итна истрага за инцидентот, кој е еден од најсмртоносните пожари што се случиле во болница во последните години.
„Ваквата ситуација во која се вклучени деца е непоправлива. Одговорните треба да бидат идентификувани и да се преземат најстроги мерки“,
изјави Шариф, пренесе Би-би-си.

Британскиот национален сервис, повикувајќи се на официјален документ, исто така, објави дека окружниот судија на Исламад формирал комисија за утврдување факти за да ги истражи причините за пожарот и која мора да изготви извештај во рок од 24 часа.
Сочувство до семејствата на загинатите новороденчиња изрази и претседателот на Пакистан, Асиф Али Зардари, кој наведе дека срцето му е скрешено од настанот.
Пожари во големи објекти, како што се фабрики и трговски центри, се чести во Пакистан, а како причина се наведуваат лошите закони за безбедност и несоодветното спроведување на градежните прописи.
