Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, вели дека според првичните информации од терен постојат индиции дека пожарот е предизвикан од човечки фактор

Пожарникари интервенираат во гаснење на пожар на депонијата кај Кавадарци кој гори од попладнево и од каде што се издига голем црн чад.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вели дека пожарот е подметнат.
„Пред малку некој подметнал пожар на кавадаречката депонија“,
вели Ангелов во видеоизјава снимена во близина на пожарот.
Според него, огнот е излезен надвор од депонијата и ја има зафатено околната сува вегетација, а од едната страна навлегува и во дрвја.
„На терен се кавадаречките пожарникари кои се обидуваат да воспостават контрола. Испратена е механизација со која ќе се обидат да направат противпожарни пресеки“,
вели Ангелов.
Тој додава дека ситуацијата е мошне алармантна бидејќи наоколу има доста лозја, но и дрвја.
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, вели дека на пожарот на депонијата „Мелци“ се интервенира со ангажман на поголем број екипи од Територијалната противпожарна единица од Кавадарци.
Јанчев вели дека според првичните информации од терен, постојат индиции дека пожарот е предизвикан од човечки фактор.
„Надлежните служби ќе ги утврдуваат околностите за неговото настанување“,
додава тој.
Тој упати апел до граѓаните да не се приближуваат до местото на пожарот и да ги почитуваат упатствата на надлежните служби.
Претходно денеска од ДЗС информираа дека попладнево голем пожар избувнал помеѓу селата Горно Чичево и Долно Чичево во Општина Градско.
Пожарот, како што информира Ангелов, најверојатно почнал од стрниште, но поради ветрот брзо се проширил, загрозувајќи ги двете села. На барање на градоначалникот на Градско, покрај пожарникари од Велес, Неготино и Кавадарци, на местото се испратени и „ертракторите“ на ДЗС и хеликоптерот на МВР.
