„Сакавте да ја земете цела Украина, наместо тоа ги изгубивте вашите рафинерии за нафта, вашата флота, вашиот профит, цела генерација што ја испративте во кланица“, порача украинскиот претседател обраќајќи му се на претседателот на Русија, Владимир Путин
САД, Европа и Кина да ја одиграат својата улога и да го зголемат притисокот врз Русија за да ја принудат да седне на преговарачка маса. Ова беше една од пораките на украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќање на социјалните мрежи по повод одбележувањето на Денот на независноста на Украина.

„Верувам дека Америка ќе ги надмине сите свои противречности и фобии во врска со Русија. Русите мора да седнат на преговарачка маса. Конечно мора да се воведат санкции што ќе ги натераат да завиваат“,
рече Зеленски во говорот по повод 35-годишнината од независноста на Украина.
Европа, додаде тој, мора да биде обединета, амбициозна и храбра, а Кина повеќе не треба да молчи.
„Кина мора да одговори и да ја докаже својата амбиција да биде еден од најголемите светски лидери, не само економски и технолошки туку и во цивилизациски поглед, со тоа што јасно ќе испрати порака дека ниту еден диктатор нема право да ја загрозува планетата со своите застарени боеви глави“,
порача Зеленски.
Украинскиот претседател вели дека на Украина треба да ѝ се даде сè што е потребно за да ја заврши војната побрзо отколку што рускиот претседател Владимир Путин може да ја започне следната. Во обраќањето тој рече дека Украина е подготвена да ја заврши војната, но дека нема да се согласи со непроменетите услови на Москва. Рече дека Украина не го дава она што е нејзино. Обраќајќи му се директно на Владимир Путин, тој порача:
„Сакавте да ја земете цела Украина, наместо тоа ги изгубивте вашите рафинерии за нафта, вашата флота, вашиот профит, цела генерација што ја испративте во кланица. Нема да им дозволиме да ги измамите Европа и целиот свет убедувајќи ги дека Украина само треба да се откаже од Донбас и дека сè ќе заврши наскоро.“
Инаку денеска, на денот кога Украина ја одбележува 35-годишнината на земјата, Европската комисија одобри дополнителни 6,1 милијарди евра финансиска помош за Украина – средства наменети за воздушна одбрана, ракети, муниција и радари. Од ЕК соопштија дека финансирањето доаѓа во време кога Русија ги ескалира нападите со балистички ракети и беспилотни летала.
