Овој нов пакет помош се надоградува на претходно одобрените 16 милијарди евра за опрема. Од оваа сума, досега се исплатени 8,35 милијарди евра

Европската комисија денеска одобри дополнителни 6,1 милијарди евра финансиска помош за Украина за купување нови одбранбени системи. Средствата се наменети за воздушна одбрана, ракети, муниција и радари, објави Ројтерс.
Овој нов пакет помош се надоградува на претходно одобрените 16 милијарди евра за опрема. Од оваа сума, досега се исплатени 8,35 милијарди евра.
„Додека Русија ги интензивира своите напади, ние се залагаме да ѝ помогнеме на Украина да го заштити својот народ и своето небо. Европа стои со Украина и ние ќе ѝ го испорачаме она што ѝ е потребно, кога ѝ е потребно“,
вели претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа на својот профил на Икс сподели видео од нејзините посети на Украина од 2023 година досега, а во објавата пишува дека безрезервна поддршка на Украина ја покажуваат токму на Денот на независноста на земјата.
„Денес одобривме 6,1 милијарди евра за системи за воздушна и ракетна одбрана, ракети, муниција и радари што итно ѝ се потребни на Украина. Европа е со вас денес, утре и колку што е потребно“,
пишува Фон дер Лајен.
On Ukraine’s Independence Day, we show our unfaltering support.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) August 24, 2026
Today, we approved €6.1 billion for the air and missile defence systems, missiles, ammunition and radars that Ukraine urgently needs.
Europe stands with you today, tomorrow, and for as long as it takes.
З Днем… pic.twitter.com/QCg62KaXqW
Во соопштението од Европската комисија се наведува дека повеќето набавки ќе бидат од одбранбени компании на ЕУ и оти финансирањето доаѓа во време кога Русија ги ескалира нападите со балистички ракети и беспилотни летала.
„Со оглед на интензивираната употреба на балистички ракети и беспилотни летала со млазен мотор од страна на Русија, Комисијата ја нагласува потребата од значително зголемување на испораките од ЕУ преку намалување на залихите, повторно одредување на приоритетите на нарачките и зголемување на производството“,
се вели во соопштението.
Во февруари годинава, Европскиот парламент и Советот ја усвоија Регулативата (ЕУ) 2026/467, со која се воспоставува Заемот за поддршка на Украина, со кој се обезбедува до 90 милијарди евра поддршка за земјата.
Според предложената рамка, финансирањето ќе биде достапно за Украина преку два главни канали.
Од вкупниот износ, 30 милијарди евра ќе бидат обезбедени како макроекономска поддршка, или преку макрофинансиска помош или преку Инструментот за Украина, наменски инструмент на ЕУ дизајниран да обезбеди стабилна и предвидлива финансиска поддршка за Киев.
Останатите 60 милијарди евра ќе бидат искористени за зајакнување на капацитетите на украинската одбранбена индустрија и поддршка на набавката на воена опрема, давајќи ѝ на Украина навремен пристап до одбранбени производи од домашните и индустриите на ЕУ.
