Од Министерството за здравство велат дека од почетокот на епидемијата досега 21 пациент е отпуштен од болница и упатен на домашно лекување, уште четворица пациенти денес се отпуштаат, а вкупно пет лица се починати

Четириесет и четири случаи на западнонилска треска се потврдени во земјава, информира денеска министерот за здравство Сашо Клековски при неговата посета на Клиниката за инфективни болести и Институтот за јавно здравје. Клековски кажа дека од потврдените случаи, 43 се хоспитализирани, а поголем дел од нив се со невроинвазивна форма на болеста.
Тој упати апел до граѓаните доколку забележат симптоми како висока температура, вкочанет врат, дезориентација, слабост или грчеви, веднаш да се јават кај својот матичен лекар.
Од Министерството за здравство велат дека од почетокот на епидемијата досега 21 пациент е отпуштен од болница и упатен на домашно лекување, уште четворица пациенти денес се отпуштаат, а вкупно пет лица се починати.
„Системот е подготвен и здравствените работници ја имаат нашата целосна поддршка во справувањето со западнонилската треска како јавноздравствен предизвик. При денешната посета на овие установи направив увид во капацитетите со кои располагаат од аспект на капацитети за хоспитализација, кадровска опременост, како и лабораториските реагенси за испитување“,
додаде Клековски.
Директорот на Клиниката за инфективни болести Фадил Цана во саботата информира дека уште еден смртен исход е регистриран во земјава како последица на вирусот на западнонилска треска, со што црниот биланс од епидемијата се искачи на вкупно пет лица.
