Ставовите на Филипче, според владејачката партија, се под влијание на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев
„Од Месечината се гледа дека јасно му е на и на него и на талогот, каков дебакл ќе доживеат и како ќе бидат поразени од граѓаните“, се додава во партиското соопоштение
Лидерот на опозицискиот Социјалдеморатски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, на секое негово појавување во јавноста ги повторува трите постулати на партијата, како ширење лаги, манипулации и дезинформации. Ова е реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на Филипче, на која тој рече дека неговата партија е подготвена за избори, и со тимот и со програмата, дури и утре да се случат.

Во партиското соопштение се вели дека Филипче нема допир со реалноста и дека неговите ставови се под влијание на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
„Венко е сосема одлепен од реалноста. Она што му го диктира Заев, тоа и го повторува. Аболицираниот криминалец Заев, на неговата милионска јахта во Грција му диктира што да кажува пред медиумите и му ја создава перцепцијата, а Филипче како негов следбеник, истото го повторува. Во однос на изборите јасен му е епилогот, затоа и бега од соочување со граѓаните“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека официјалните статистички податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) ги демантираат тврдењата на лидерот на СДСМ.
Во однос на изборите, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека единствен човек кој не сака избори и бега од нив е токму Филипче и, како што додаваат, талогот од СДСМ.
„Од Месечината се гледа дека јасно му е на и на него и на талогот каков дебакл ќе доживеат и како ќе бидат поразени од граѓаните“,
се додава во партиското соопштение.
Филипче денеска соопшти дека СДСМ е подготвен за избори и со тимот и со програмата. Сепка, порача и дека неговата партија нема да биде алиби за предвремени парламентарни избори.
Според него, главната причина зошто власта размислува за избори е тоа што ги потрошила буџетските средства и се соочува со финансиски проблеми во економијата.
Изјавата на Филипче доаѓа откако премиерот Христијан Мицкоски минатата недела го актуализира прашањето за предвремени парламентарни избори и рече дека власта е подготвена за тој циклус доколку опозицијата тоа го побара.
