Студентите кои ќе го остварат правото на субвенциониран оброк ќе почнат да ги добиваат средствата во месецот што следува по оној во кој аплицирале
Субвенционираниот студентски оброк изнесува 140 денари дневно, средства наменети за купување приготвена храна. Правото може да се користи од понеделник до сабота, а неискористениот износ во текот на седмицата останува достапен на сметката до сабота
Објавен е јавен повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).

Оттаму ги повикаа сите студенти што ги исполнуваат условите да се пријават.
Право на субвенциониран студентски оброк имаат државјани на Северна Македонија кои се редовно запишани на прв или на втор циклус студии, како и на интегрирани студии на државните или приватните високообразовни установи. Дополнителен услов е студентот да нема месечни приходи по кој било основ повисоки од минималната нето-плата во земјата за тековната година.
Пријавувањето се врши електронски преку платформата на МОН, при што кандидатите треба да ги пополнат пријавата за стекнување право на субвенциониран студентски оброк и изјавата за точност на внесените податоци, а потпишаните документи да ги прикачат во електронската апликација.
Рокот за пријавување на студентите кои веќе имаат статус на студенти, како и на оние кои ќе се запишат во академската 2026/2027 година, е од 26 до 31 август 2026 година.
Од октомври, пак, пријавувањето ќе се одвива од 1 до 5 во секој месец во текот на академската година. Ова се однесува на студентите кои не го оствариле правото по јавниот повик, како и на оние на кои правото им престанало поради неисполнување на некој од условите, а подоцна повторно ги исполнуваат критериумите.
Студентите кои ќе го остварат правото на субвенциониран оброк ќе почнат да ги добиваат средствата во месецот што следува по оној во кој аплицирале.
Субвенционираниот студентски оброк изнесува 140 денари дневно, средства наменети за купување приготвена храна. Правото може да се користи од понеделник до сабота, а неискористениот износ во текот на седмицата останува достапен на сметката до сабота.
Правото не може да се користи во периодот од 1 јули до 1 октомври, како и за време на државни празници и други неработни денови.
„За реализација на исплатите МОН склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје. Студентите кои ќе го стекнат правото ќе треба да склучат договор со банката за отворање посебна сметка поврзана со наменска платежна картичка за субвенциониран студентски оброк, без оглед дали претходно биле клиенти на банката“,
се вели во соопштението од ресорното министерство.
Како што информираат од МОН, рокот и начинот на подигање на картичките дополнително ќе бидат објавени.
Дополнителни информации за условите и начинот на пријавување се достапни во јавниот повик на МОН.
За прашања поврзани со пријавувањето, студентите можат да се обратат до Секторот за ученички и студентски стандард на електронската адреса [email protected].
