„Барањето нов Белград во Брисел не е ништо друго освен барање да се продолжи со негување на националниот идентитет под заштита на ‘поголем брат‘, што резултира со несигурност и не ѝ дозволува на нацијата да порасне. Во изминатите осум децении државност беа донесени важни и храбри одлуки. Таква храброст е потребна и сега, а не создавање страв и сомнеж за сопственото постоење. Поради тоа на македонскиот идентитет не му треба потрага по центар што ќе го штити и ќе му нуди гаранции, туку поголема самодоверба и храброст конечно да порасе. Тоа ќе биде најдобра гаранција за неговото постоење“, пишува тој во својата колумна
Поранешниот претседател на македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, Драги Ѓоргиев, во својата колумна објавена на порталот „Либертас“ ја проблематизира потребата Македонија да бара надворешни гаранции за заштита на македонскиот идентитет, јазик и култура во процесот на европските интеграции.

„Пред неколку дена македонскиот министер за надворешни работи уште еднаш ја образложи позицијата на македонската влада која бара гаранции за предвидлив процес на преговори за членство на Македонија во ЕУ. Се разбира, сосема е легитимен ставот да се бара гаранција за процес во кој ќе нема поставување нови услови во текот на преговорите. Но, кога во таквите образложенија постојано се споменуваат категориите: македонски идентитет, македонски јазик, македонска култура, тогаш неизбежно се добива впечаток дека потребата од гаранција за сопствениот идентитет е исто толку важна, ако не и поважна, од потребата за гаранција во процесот на преговори. Тоа, од друга страна, раѓа сомнеж“,
вели тој.
Ѓоргиев смета дека во таквиот пристап стои наследена политичко-психолошка потреба од „поголем брат“, односно од силен надворешен центар кој би го штител македонскиот идентитет. Во времето на Југославија, според него, таа улога ја имал Белград, додека денес се очекува слична функција да има Брисел.
Според него, два настани од не толку далечното минато се прилично симптоматични во врска со позицијата на југословенски Белград и на српски Белград во однос на македонскиот идентитет.
Како пример ја наведува ситуацијата од 1966 година, кога дошло до прекин на соработката меѓу југословенските и бугарските писатели поради спорот околу македонскиот јазик. Бугарската страна тогаш одбила да потпише договор со македонската делегација на македонски јазик, по што југословенската страна инсистирала на признавање на македонскиот јазик како услов за продолжување на соработката. Во спорот се вклучила и југословенската дипломатија, која протестирала против бугарското негирање на македонскиот јазик и посебност. Така, посочува Ѓоргиев, во тој период Бугарија ја имала улогата на оспорувач, а Белград на заштитник.
„Првиот е поврзан со скандалот од 1966 г. кога официјалната соработка меѓу Сојзот на југословенските писатели и Сојзот на бугарските писатели била прекината поради македонскиот јазик. Причина била одбивањето бугарската страна да потпише договор со македонска делегација на македонски јазик. Долги години немало никаква соработка, а условот за обновување поставен од Југословенскиот сојуз било признавање на македонскиот јазик. Дури и југословенската дипломатија не останала на страна во овој судир, и протестирала против негирањето на македонскиот јазик и посебност од страна на Бугарија. Значи, Бугарија оспорувала, Белград гарантирал и заштитувал“,
пишува Ѓорѓиев.
Но, пет децении подоцна, како што вели, односот на Белград кон македонските национални симболи покажал поинаква слика.
Ѓоргиев го посочува примерот со булеварот „Гоце Делчев“ во Белград, кој во 2016 година бил преименуван во булевар „Маршал Толбухин“. Во истата година, посочува дека весникот „Политика“ објавил текст во кој се поставува прашањето дали Гоце Делчев бил херој или антисрпски идеолог. Во текстот тогашниот градски менаџер Горан Весиќ го оценувал Делчев како личност чие дејствување било антисрпски ориентирано, додека историчарот Александар Животиќ ја доведувал во прашање современата македонска перцепција за него.
Според Ѓоргиев, овие два примери ја покажуваат историската иронија и фактот дека Белград никогаш не бил траен и безусловен гарант на македонскиот идентитет. Неговата политика, како и политиката на секоја држава, вели дека била условена од сопствените интереси.
„Класична историска иронија. Заштитникот кој неколку децении порано го бранеше македонскиот јазик и идентитет, без никакви емоции го избриша името на најзначјниот македонски национален херој од картата на Белград. Но, Белград, всушност, никогаш и не беше вистински гарант на македонскиот идентитет. Тој само го штитеше политичкиот концепт што во одреден момент одговараше на соодветната политика на соодветната држава. Југословенскиот Белград од 1966 имаше поразлични политички интереси во однос на српскиот Белград од 2016 г.“,
додава тој.
Оттука, авторот поставува прашање зошто би се очекувало Брисел да има поинаков однос. Според него, интересите на Европската Унија можат да се совпаѓаат со македонските интереси во еден период, но не постои гаранција дека така ќе биде и во иднина.
„Ако хипотетички прифатиме дека гаранциите за кои зборува министерот (и не само тој) се потребни, зошто да очекуваме дека со Брисел би било поинаку? ‘Заштитниците‘ никогаш не ги води вечна и апсолутна љубов, туку само вечни интереси. Затоа и Македонија треба да престане да бара гаранции од Брисел за македонскиот идентитет, јазик, култура. Ако Брисел денес има едни интереси, утре ќе има други. Дали тогаш ќе тргнеме во потрага по друг гарант? Било какви гаранции од страна на Европската Унија ниту ќе го засилат, ниту ќе го заштитат македонскиот идентитет“,
вели Ѓорѓиев.
Предупредува дека потпирањето на надворешни гаранции за идентитетот може да создаде чувство на несигурност и зависност од туѓо признавање. Наместо постојано да се бара потврда однадвор, тој смета дека Македонија треба да гради поголема самодоверба во сопствениот идентитет. Како еден од предусловите за тоа ја посочува потребата од посериозно и поотворено соочување со македонското минато.
„Тоа само ќе остави горчлив вкус дека нам ни е потребна туѓа гаранција за да бидеме сигурни во сопственото постоење. А доколку ни се потребни такви гаранции, тогаш проблемот одамна престанал да биде поврзан само со една држава. Затоа што колку и да се добиваат гаранции за сопственото постоење, можноста некој да оспорува или поинаку толкува сегменти од вашето постоење, па дури и навредува, е многу голема. Но нација која пораснала и созреала нема потреба на ваквите толкувања да одговара со барање за туѓо потврдување и заверување на сопственото постоење. Во тој контекст, еден од најважните сегменти на таа зрелост претставува храброто соочување со сопственото минато. Во Македонија не постои отворена и сериозна дебата (не само за подалечните, туку и за поблиските до нас важни настани) поради страв дека тоа може да го загрози етаблираниот наратив и да ја загрози современата национална посебност“,
пишува тој.
Тој оценува дека стравот од поинакво толкување на историјата често доведува до обиди историските личности од пред еден и пол век да се прикажуваат исклучиво низ современи национални рамки. Наместо тоа, смета Ѓоргиев, зрелото општество треба да може да ја прифати сложеноста и противречностите на своето минато.
„Сè уште постои потреба сложените и повеќеслојни идентитети на личностите од пред 150 години да ги сместуваме во современите национални рамки, затоа што поинакво толкување создава национална паника. Но една полнолетна и зрела нација мора храбро да погледне во сложеноста на сопствената историја и да ја издржи таа сложеност“,
додава поранешниот претседател на заедничката комисија.
Според него, нација која има самодоверба не треба да се плаши од историските истражувања и различните толкувања на минатото. Напротив, соочувањето со непријатните и сложени аспекти на историјата може да придонесе за поголема сигурност во сопствениот идентитет.
Затоа што само на тој начин ќе се разјаснат нејаснотиите, противречностите и непријатните извори, ќе се надминат сомнежите и ќе се стекне самодоверба. Нација која пораснала ја истражува историјата, нема страв од она што било и конечно знае која е. Нација која не ја надминала својата адолесценција, бара гаранции и заштита, прашува кој ќе и ја гарантира историјата и бара некој друг да ѝ потврди која е“,
вели тој.
На крајот од анализата, Ѓоргиев ја споредува идејата за „поголем брат“ во Белград со очекувањето таква улога да има Брисел. Според него, Македонија не треба да бара нов центар кој ќе го штити нејзиниот идентитет, туку треба да гради сопствена самодоверба и зрелост.
Како што наведува, најсилната гаранција за македонскиот идентитет не е надворешната заштита, туку способноста самостојно да се соочи со сопствената историја и да има доверба во сопственото постоење.
„Барањето нов Белград во Брисел не е ништо друго освен барање да се продолжи со негување на националниот идентитет под заштита на ‘поголем брат‘, што резултира со несигурност и не и дозволува на нацијата да порасне. Во изминатите осум децении државност беа донесени важни и храбри одлуки. Таква храброст е потребна и сега, а не создавање страв и сомнеж за сопственото постоење. Поради тоа на македонскиот идентитет не му треба потрага по центар што ќе го штити и ќе му нуди гаранции, туку поголема самодоверба и храброст конечно да порасе. Тоа ќе биде најдобра гаранција за неговото постоење“,
пишуваљ Ѓорѓиев.
