Од Центарот за управување со кризи велат дека под контрола се пожарите во Општина Илинден, во Делчево на боровата шума кај селото Бигла, оној кај селото Туденце во Јегуновце и пожарот во Врапчиште каде гори мешана шума кај селата Ломница и Ѓерѓевиште

Во текот на изминатото деноноќие се регистрирани вкупно 33 пожари на отворен простор ширум државата, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК) според податоците до 7:30 часот. Од нив, активни се четири, четири се ставени под контрола, додека противпожарните екипи успеале да изгаснат 25 пожари.
Активен е пожарот во општините Студеничани и Зелениково каде гори мешана шума на потегот меѓу селата Моране, Вртекица, Рамни Габер со кракот кон Палиград, како и над селото Вражале.
Во Македонски Брод гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки на месноста Видуш, во близина на селата Драгов Дол и Локвица.
Активен е и пожарот во високостеблеста букова шума кај селото Тајмиште, на месноста Дарда во Општина Кичево.
Утринава сè уште е активен и пожарот во Гостивар каде е зафатена ниска вегетација во атарот на селото Горна Ѓоновица.
Од ЦУК велат дека под контрола се ставени пожарите во Општина Илинден, на боровата шума кај селото Бигла во Делчево, кај селото Туденце во Јегуновце и пожарот во Врапчиште каде гори мешана шума кај селата Ломница и Ѓерѓевиште.
Противпожарните екипи успешно ги изгаснале сите преостанати жаришта во повеќе општини, меѓу кои во Куманово, во скопските Бутел, Петровец и Студеничани, во Битола, Прилеп, Тетово, Велес, Берово, Струга и во Липково.
