Неговите коментари доаѓаат откако САД воведоа царини од 50 отсто на канадска стока во вредност од 20 милијарди долари, а канадскиот премиер, Марк Карни вети дека ќе одговори со контрамерки „долар за долар“
Од друга страна, канадскиот премиер во изјава за тамошните медиуми рече дека земјата е во трговска војна со САД, наведувајќи дека Трамп направил погрешни пресметки со ескалацијата на неговите барања поврзани со царините
Канада сака придобивки како да е сојузна држава на САД, без да биде тоа, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи, во своите први јавни коментари откако преговорите за царините меѓу Вашинготн и Отава пропаднаа и ги втурнаа двете соседни држави во трговска војна.

„Тие, исто така, им наплаќаа на нашите одлични земјоделци, со години, огромни царини. Нема повеќе“,
додава Трамп.
Неговите коментари доаѓаат откако САД воведоа царини од 50 отсто на канадска стока во вредност од 20 милијарди долари, а канадскиот премиер, Марк Карни вети дека ќе одговори со контрамерки „долар за долар“.
Американските царини стапија во сила вчера, опфаќајќи од стапови за хокеј до депресанти за јазик. Експертите за трговија предвидуваат дека царините би можеле да резултираат со губење на некои работни места, но се очекува најголемото влијание да го имаат врз политиката, предизвикувајќи нови тензии меѓу двата соседи.
Двете страни меѓусебно за обвинуваат за прекинот на преговорите во петокот.
Карни во изјава за канадските медиуми рече дека земјата е во трговска војна со САД, наведувајќи дека Трамп направил погрешни пресметки со ескалацијата на неговите барања поврзани со царините.
„Во војна сте кога сте нападнати, а ние сме нападнати. Не можеме да го прифатиме она што го понудија и нема да го дадеме она што го побараа“,
изјави канадскиот премиер пред новинарите во Отава, пренесува „Гардијан“.
Од друга страна, пак, трговскиот претставник на Вашингтон Џејмисон Грир, изјави дека биле принудени да дејствуваат по една година одмазднички мерки од страна на Канада.
„Доста кажавме и затоа презедовме контрамерки. Нашиот интерес е да ги заштитиме американските работници и да ги заштитиме американските синџири на снабдување“,
изјави тој „Фокс енд френдс викенд“.
Претседателот на Канадската федерација на независни бизниси, Ден Кели, проценува дека 40 отсто од малите канадски извозници ќе бидат директно погодени од американските тарифи и дека речиси една третина очекуваат нивните приходи да се намалат за 50 отсто или повеќе како резултат на тоа.
Ескалацијата на трговските односи меѓу двете земји беше дочекана со гнев и од демократските претставници во Конгресот и гувернери од американските сојузни држави што граничат со Канада, вклучувајќи ги Минесота, Њујорк и Вашингтон.
„Непотребно се караме со нашите сојузници и ги зголемуваме цените дома. Тоа е економската политика на Трамп накратко“,
објави гувернерката на Њујорк, Кети Хочул на платформата Икс.
Сенаторката од Минесота, Ејми Клобучар, рече дека новите тарифи значат „повисоки трошоци за малите бизниси, земјоделците и сите семејства од Минесота“.
„Канада е трговски партнер број еден на Минесота. Жителите на Минесота плаќаат за хаосот на Трамп“,
наведе таа на Икс.
Карни, кој претходно беше гувернер на Банката на Англија, во изборната кампања минатата година, меѓу другото, најавуваше дека ќе се спротивстави на Трамп, особено по изјавите на американскиот претседател дека сака да ја направи Канада 51. сојузна држава на САД преку економска сила.

Се очекува тарифите на Карни „долар за долар“ да стапат на сила од 8 септември, со нови давачки за челик, млечни производи, апарати за домаќинство и електроника. Ескалацијата, исто така, ја доведе во прашање иднината на Северноамериканскиот трговски договор меѓу САД, Канада и Мексико, познат како USMCA.
Пактот, кој го потпиша Трамп за време на неговиот прв мандат, регулира околу два трилиони долари годишно во стоки и услуги меѓу трите земји. Трамп одби да го обнови договорот USMCA ова лето откако Канада и Мексико официјално побараа тој да биде продолжен на уште 16 години.
Прашан како колапсот на трговските разговори меѓу САД и Канада ќе влијае на овој договор, Карни изјави дека дека тоа „сигурно не е добра вест“.
Сè поагресивната реторика и трговска политика од страна на администрацијата на Трамп предизвикаа штети на односите меѓу САД и Канада, што особено се одрази на туризмот. Како што пишува „Гардијан“ забележан е пад од 21 отсто на Канаѓани што влегуваат во државата Њујорк во 2025 година и три милиони помалку посети во споредба со претходната година.
Анкетата на „Глоуб енд меил“ од оваа година покажа дека само 9 отсто од Канаѓаните се согласуваат дека САД се „доверлив сојузник“, додека 51 отсто од анкетираните ги откажале своите патувања во Соединетите Држави како реакција на коментарите на Трамп.
