Градоначалникот на Пехчево информира дека во моментот кога била добиена информацијата за пожарот, дел од расположливите сили од Пехчево и Берово веќе биле ангажирани на пожарот кај селото Бигла, поради што побарал дел од нив да бидат повлечени и упатени кај селото Црник
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, станува збор за пожар во борова шума кој зафатил голема површина и предупреди дека опасноста сè уште не е целосно надмината, бидејќи сè уште се гледа чад
Големиот шумски пожар кој денеска попладне избувна во борова шума на територијата на Општина Пехчево, во близина на границата со Бугарија е локализиран и ставен под контрола, информира градоначникот на општината Александар Китански.

Пожарот, кој зафатил поголема површина, избувнал во атарот на селото Црник, а во неговото гаснење биле ангажирани пожарникари од Берово и од Пехчево и вработени во шумските претпријатија во двете општини. Во локализирањето на пожарот голем удел имале трите „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кои денеска интервенираа и врз огнената стихија кај селото Бигла во Општина Делчево.
Китански во разговор со директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов информира дека во моментот кога била добиена информацијата за пожарот, дел од расположливите сили од Пехчево и Берово веќе биле ангажирани на пожарот кај селото Бигла.
„Претходно бев контактиран од градоначалникот на Делчево дека имаат голем шумски пожар и сите наши ресурсни сили од подружниците на „Македонски шуми“ од Пехчево и Берово, доброволното противпожарно друштво и територијалната противпожарна единица од Берово, сите луѓе кои беа на располагање и човечки ресурси беа на терен во Делчево“,
изјави градоначалникот на Пехчево.
По добиената информација за огнот кај Црник, како што кажа тој, дел од противпожарните екипи биле повлечени и упатени на ова место. Во гаснењето се вклучиле Територијалната противпожарна единица од Берово, шумските претпријатија од Пехчево и Берово, како и доброволци од Доброволното противпожарно друштво од Пехчево.
На барање на градоначалникот, во гаснењето интервенирале и „ер тракторите“, кои претходно биле ангажирани на пожарот кај Бигла. Леталата извршиле повеќе налети и исфрлиле вода врз огнената линија, со што помогнале пожарот да биде локализиран и ставен под контрола.
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, станува збор за пожар во борова шума кој зафатил голема површина. Тој предупреди дека опасноста сè уште не е целосно надмината.
„Сè уште се гледа чад. Се надевам дека пожарот е добро заокружен, дека нема да побегне надвор“,
рече Ангелов.
Тој посочи дека пожарите во борова шума, според досегашното искуство, тешко се гаснат.
Се планира овој пожар целосно да биде изгаснат во текот на утрешниот ден.
Претходно, Ангелов информира дека пожарот, кој исто така денеска попладне избувна кај селото Бигла, кое се наоѓа на средина на патот помеѓу Македонска Каменица кон Делчев, е делумно ставен под контрола, благодарение на воздушната интервенција на трите „ер трактори“, на пожарникарите од Делчево, Берово, Кочани, Виница, како и на доброволните пожарникари, локалното население, екипите на „Национални шуми“ и локалната самоуправа.
Во овие два големи пожари, нема настрадани лица.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски изјави дека имало само лесни повреди кај лица, професионалци кои учествувале во гаснењето на пожарот кај Бигла.
„Тоа е поради вдишување чад, но според сите информации што ги имам, тука е директорката на здравствениот дом, тука се и претставници на МВР, истите се во добра здравствена состојба и се надевам дека во текот на денот ќе се вратат кај нивните семејства“,
рече Гоцевски.
Како што додаде тој во гаснењето на пожарот учествувале голем број волонтери и припадници на доброволни протипожарни друштва.
