Повикувајќи се на документи од Централниот регистар, од ДУИ велат дека како претседател на Алтернатива е запишан Зекирија Бериша, шефот на кабинет на првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, како и дека за неговото назначување за прв човек на партијата не било информирано ниту членството ниту јавноста
Демократската унија за интеграција во вторникот (18 август), исто така повикувајќи се на документи од Централниот регистар, излезе со тврдења дека и партијата Беса, која се фузираше во Влен, продолжува да фигурира како активен политики субјект, со Билал Касами како нејзин претседател
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска упати нови обвинувања кон Влен, која е дел од владејачкото мнозинство, тврдејќи дека се претставува како единствен политички субјект, партијата Алтернатива и понатаму продолжува да се појавува како активен политички субјект во Централниот регистар.

Повикувајќи се на документи од Централниот регистар, од ДУИ велат дека тие откриваат уште еден скандал, односно дека како нејзин претседател е запишан Зекирија Бериша.
Според интегративците, Бериша е шеф на кабинет на првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, а за неговото назначување за прв човек на Алтернатива не било информирано ниту членството на партијата, ниту јавноста.
„Кога е избран Зекирија Бериша за лидер? Кое партиско тело ја донело оваа одлука? Зошто промената била чувана во тајност? Дали членовите на Алтернативна знаат кој законски ја води нивната партија? Имаме скандалозен и веројатно невиден случај – партија го менува својот лидер во официјални документи, а го крие овој факт од граѓаните и сопствените членови“, се вели во соопштението на ДУИ, објавено на Фејсбук.
За потсетување, пред спојувањето на четирите партии во Влен како единстевен политички субјект, Централното собрание на Алтернатива на почетокот на декември минатата година за в.д. претседател на партијата го назначи Беким Сали. Неговото назначување дојде откако дотогашниот претседател на Алтернатива, Зеќирија Ибраими, си поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
Демократската унија за интеграција во вторникот (18 август), исто така повикувајќи се на документи од Централниот регистар, излезе со тврдења дека и партијата Беса, која се фузира во Влен, продолжува да фигурира како активен политики субјект, со Билал Касами како нејзин претседател.
Сепак, за разлика од тврдењата поврзани со Беса, кога од ДУИ излегоа со документ од Централниот регистар, во денешното соопштение за случајот со Алтернатива не споделија сличен писмен податок од институцијата.
„Беса продолжува да постои со Билал Касами како лидер. Алтернатива продолжува да постои со Зекирија Бериша како лидер. Таканареченото ‘спојување’ тие го имаат само конференции и пропаганда. Партиите, лидерите, печатите и интересите продолжуваат одделно. Влен е измамник од основата до врвот“, се вели во соопштението од ДУИ.
Од ДУИ обвинуваат дека Влен е инженерски создадена структура за расцепкување на албанскиот глас, намалување на неговата политичка тежина и предавање на одлучувањето во рацете на други центри на интерес.
