Оттаму информираат дека последните лабораториски анализи потврдиле дека водата е исправна и поради тоа се укинува забраната за пиење

Водата од градскиот водовод во Демир Капија е здравствено исправна и безбедна за пиење, информираа попладнево од Јавното комунално претпријатие „Бошава“ – Демир Капија.
Оттаму информираат дека последните лабораториски анализи потврдиле дека водата е исправна и поради тоа се укинува забраната за пиење.
„По добиените резултати, забраната за пиење на водата, изречена од надлежниот инспектор при Агенцијата за храна и ветеринарство, е укината. Со тоа, граѓаните повторно можат слободно да ја користат водата за пиењe“,
информираат од јавното претпријатие.
Од јавното претпријатие денеска, споделувајќи ги последните анализи што биле добиени и ппоради кои е укината забраната, информираа дека во иднина сите добиени резултати од анализите на водата за пиење – позитивни и негативни – ќе бидат јавно објавувани на официјалната фејсбук-страница на ЈКП „Бошава“.
„Со цел да обезбедиме целосна транспарентност и навремено информирање на граѓаните, резултатите од анализите ќе бидат доставувани и до Општина Демир Капија, со цел истите да бидат објавувани и на официјалната веб-страница на Општината“,
се вели во информацијата од јавното претпријатие.
Водата во Демир Капија беше забраната за пиење и за подготвување храна од 14 август поради тоа што анализите на примероците на водата земени од истото мерно место во два последователни дена дале различни резултати.
Ден подоцна в.д. директорот на демиркапиското јавно комунално претпријатие „Бошава“, Петар Јованов апелираше случајот со забранетата вода за пиење на водата во Демир Капија да не се користи за дневнополитички поени.
Директорот на Јавното комунално претпријатие „Бошава“ вели дека не може однапред да се утврдат причините за тоа што се добиени два различни резултати и дека од тие причини се прават дополнителни анализи и проверки.
