На следните избори, според Влен, гласачите ќе ја пратат ДУИ во политичка пензија. Но пред воопшто да зборуваат за избори, додаваат од владејачката партија, од ДУИ да кажат зошто по поразот на локалните избори никој не понесе одговорност во нивните редови
Во ДУИ добро знаат дека пред неполна година Албанците со глас ги исфрлија од сите општини со албанско мнозинство и дека секое ново соочување со граѓаните за нив значи уште една шлаканица. Ваков е коментарот на владејачката партија Влен откако претходно денеска беше прозвана од партијата на Али Ахмети дека не се произнела за барањето за предвремени парламентарни избори бидејќи се плаши од пресудата на граѓаните.

На следните избори, според Влен, гласачите ќе ја пратат ДУИ во политичка пензија. Но пред воопшто да зборуваат за избори, додаваат од владејачката партија, од ДУИ да кажат зошто по поразот на локалните избори никој не понесе одговорност во нивните редови.
„Али Ахмети продолжи да продава магла со старата финта за повлекување, Бујар Османи го изгуби Чаир и остана потпретседател и главен играч за тронот на ДУИ, Бајрам Реџепи го изгуби Тетово и остана во партиското претседателство, а Фатон Ахмети за изборниот пораз беше награден со две нови партиски фотелји, потпретседател и шеф на кабинетот на Али Ахмети. Во ДУИ, очигледно, за пораз не се одговара, туку поразените се наградуваат. Истата приказна се повторува и во Арачиново, Боговиње, Теарце, Струга, Желино и Сарај. Ги изгубија изборите, но никој не се тргна, никој не одговараше и никој не ја пушти фотелјата“,
велат од Влен обвинувајќи дека барањата за избори повеќе не поминуваат ниту во Мала Речица.
Претходно денеска ДУИ ја прозва Влен дека повеќе од 24 часа не се произнела околу изјавата на премиерот Христијан Мицкоски – дека ако опозицијата бара, власта потврдно ќе одговори на барањата за избори. Оценија дека молкот на Влен е одговор за стравот и пресудата од граѓаните.
