Лидерот на СДСМ информира дека во текот на следниот месец ќе презентираат програма наречена „мастер план за Македонија“, со нивните ветувања и контролни механизми за нивна реализација за следните избори, кога и да се одржат тие
Социјалдeмократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) нема да биде алиби на власта на премиерот Христијан Мицкоски за предвремени парламентрани избори. Ова денеска го изјави лидерот на партијата, Венко Филипче, прашан за став во врска со изјавата на премиерот дека доколку опозицијата смета оти се потребни предвремени параламентарни избори, тие како ВМРО-ДПМНЕ во секое време се подготвени да излезат и да победат.

Одговарајќи на прашањето, претседателот на СДСМ кажа дека тие како партија својот став по однос на предвремени парламентарни избори го кажале повеќепати досега, а тој е дека нив ќе ги закаже премиерот, кој ја има апсолутната власт во државата. Избори, вели Филипче, власта ќе закаже кога ќе ѝ снема пари за, како што кажа, коруптивни тендери.
„Веројатно дека ќе бара премиерот, веројатно дека ќе бараат и некои негови прокси-играчи, ние нема да му бидеме алиби за избори. Кажавме избори ќе закаже премиерот, којшто има двотретинско мнозинство, апсолутна власт на секое ниво – претседателката (на државата), извршната власт, двотретинско мнозинство во Собранието, мнозинство во општините, централна, локална власт, може да си направи избори кога сака, но, ние нема да му бидеме алиби. Избори ќе има кога ќе им снема пари за коруптивни тендери, тоа нив ги интрересира, ништо друго“,
изјави Филипче.
Доколку тие бидат закажани, лидерот на СДСМ вели дека тие како партија се подготвени и се подготвуваат секојдевно, но повтори дека алиби за избори нема да дадат.
Во тој контекст, Филипче информира дека во текот на следниот месец ќе презентираат програма наречена „мастер план за Македонија“, со нивните ветувања и контролни механизми за нивна реализација за следните избори, кога и да се одржат тие.
„Спремни сме со тим, спремни сме со добра програма, спремни сме со нешто што ќе го презентираме во текот на следниот месец, а се вика ‘мастер план за Македонија’. Мастер план во неколку чекори, пет или шест, во којшто ако граѓаните ни ја дадат довербата на следните избори, кога и да бидат, а ќе бидат тогаш кога власта ќе снема веќе пари да троши на коруптивни зделки, да знаат кои се нашите ветувања, кои се контролните механизми за тие ветувања за доброто на граѓаните и на државата да ги импелентираат. Ете тоа ќе биде нашиот план“,
кажа претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Филипче не сакаше да го коментира ставот на Демократската унија за интеграција за предвремени парламентарни избори велејќи дека не го видел бидејќи бил објавен непосредно пред прес-конференцијата.
На прашањето дали ќе присуствува на лидерска средба за избори, доколку дојде до тоа, рече дека СДСМ е подготвена да учествува во сè што е добро за државата.
„Ќе одам на која било средба ако е за доброто на граѓаните и државата“,
рече Филипче додавајќи дека искуството што го има од претходните средби со премиерот Христијан Мицкоски покажува дека таму не се зборува за такви работи.
На прес-конференцијата Филипче најави дека во септември, кога Собранието ќе почне со работа, пратениците повторно ќе поднесат закон со којшто ќе бараат минималната плата да биде 600 евра, зголемување на платите на лекарите и во образованието за 40 проценти, како и зголемување на цената за откуп на пиперката и повисоки цени за откуп на грозјето – 28 денари за вранец и 29 за смедеревката.
Филипче ја критикуваше власта за ненавремен и несоодветен здравствен одговор во врска со западнонилската треска и кризата со водата во Гостивар, како и за неработењето на ПЕТ-скенот каде најчесто се снимаат онколошки пациенти.
