Ѓорѓиевски во реакцијата ги наведува сите досегашни авионски и теренски дезинсекции против ларви и возрасни комарци спроведени од мај до август, а најавува и нови третмани што ќе бидат реализирани наредните денови

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски ги отфрла обвинувањата од опозициската СДСМ во врска со третманот против комарци и појавата на западнонилска треска. Тој ја обвини опозицијата дека се обидува една сериозна здравствена тема да ја претвори во дневнополитичка пресметка.
Ѓорѓиевски посочи дека вирусот западен нил не е нова појава и дека циркулира низ повеќе европски и соседни земји, повикувајќи се на податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болести и Светската здравствена организација.
„На граѓаните им должиме информации и превенција, а не политичка хистерија. Јавното здравје не се штити со прес-конференции, создавање страв и политички сензации, туку со системска работа и континуирана превенција“,
напиша Ѓорѓиевски во реакцијата објавена на неговиот фејсбук-профил.
Како одговор на критиките за динамиката на прскањето, тој во реакцијата прави споредба меѓу актуелните активности и оние од 2018 година, кога со Градот раководел СДСМ.
„Во 2018 година, кога со Град Скопје раководеше тогашната власт на СДС, првата терестрична дезинсекција против комарци започнала дури на 3 јули и траела до 7 јули, додека првото авионско прскање било организирано на 7 и 8 јули. Практично, првите сериозни активности започнале длабоко во летната сезона“,
додава тој.
Ѓорѓиевски во реакцијата ги наведува сите досегашни авионски и теренски дезинсекции против ларви и возрасни комарци спроведени од мај до август, а најавува и нови третмани што ќе бидат реализирани наредните денови. Според него, дезинсекција против ларви досега имало седум пати од кои првпат се прскало на 7 мај, а последното било на 18 август. Дезинсекција против комарци се вршела во 12 денови и била авионска или теренска.
Тој додава дека сите активности се спроведуваат согласно елаборатот на Центарот за јавно здравје – Скопје, законските обврски и препораките од Министерството за здравство, додавајќи дека Градот Скопје ќе продолжи со планираната динамика за заштита на здравјето на граѓаните.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска побараа одговорност од локалната власт поради, како што рекоа, ескалирање на кризата со западнонилска треска.
Инаку, според последните статистики на Институтот за јавно здравје, заклучно со 18 август во земјава се регистрирани 36 потврдени случаи и уште два веројатни. Досега има четворица починати.
Од заболените, вкупно 37 се во Скопскиот Регион, а еден од Велес.
Надлежните посочија дека во тек е СМС-кампања за информирање на населението, која вклучува вкупно 38 500 пораки што треба да бидат испратени до граѓаните во засегнатите општини.
