„Нова американска територија“ – пишува на картата што денеска ја објави американскиот претседател Доналд Трамп, а на која е прикажан Ормускиот Теснец чија контрола и натаму е клучното прашање меѓу завојуваните страни – САД и Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на својата социјална мрежа Трут соушл објави карта која го прикажува Ормускиот Теснец и го опишува како „нова американска територија“, повторувајќи ја така идејата што веќе ја изрази последниве денови. Трамп минатата недела по првпат на еден собир го нарече Ормускиот Теснец американска територија, со тон што укажуваше дека станува збор за шега.
Но, во понеделникот го повтори истото за време на разговорот со новинарите во Овалната соба, укажувајќи дека тоа би било многу добра идеја.
Неговата изјава за Ормускиот Теснец доаѓа во момент кога мирното решение на судирот меѓу Иран и Соединетите Американски Држави (САД) изгледаше подалеку од кога било досега.
Подоцна Трамп на својата социјална мрежа напиша дека Ормускиот Теснец е отворен и функционира.
„Нема никакви преговори ниту разговори што се во тек ниту, пак, се закажани, со Исламската Република Иран. Поморската блокада останува во целосна сила и дејство. Ормускиот Теснец е отворен и функционира. Сите водни мини се отстранети или детонирани“,
напиша Трамп.
Точно пред шеесет дена, на 18 јуни годинава, двете завојувани страни со голема помпа потпишаа меморандум за разбирање со намера тој да резултира со трајно решение, но досега не даде никаков резултат.
Вашингтон и Техеран поставуваат наизглед непомирливи услови за повторно отворање на теснецот, кој е клучен премин за глобалната трговија со нафта.
Но, ова е спротивно на ставот на Техеран објавен во тамошните медиуми дека теснецот ќе остане затворен сè додека САД не ги исполнат условите од меморандумот потпишан пред два месеца.
Не е првпат Доналд Трамп, соочен со надворешнополитички предизвици, да изнесе вака изненадувачки и заканувачки предлог за анексија на туѓа територија.
Откако се врати на власт во вториот мандат, тој се закануваше дека ќе ја направи Канада 51. американска сојузна држава, дека ќе го заземе Гренланд, па дури и алудираше на преземање контрола врз Појасот Газа, без да спроведе на дело ниту една од своите закани.
